Поголемите продавници и маркетите имаат цел оддел, кој смислува тактики за тоа како да ве натера да потрошите повеќе. Со малку планирање и самодисциплина, сепак можете да ги надитрите. Следуваат неколку совети што ќе ви помогнат да ги избегнете замките, а доаѓаат директно од професионалци, интервјуирани од CNBC:
Придржувајте се кон основните производи. Во продавниците, најпотребните производи, како млекото и јајцата, се ставаат кон крајот на просторијата, или пак на дното на рафтовите. Клиентите се принудени да поминат низ многу други редови со производи додека да стигнат до најнеопходните, а шансите се големи попатно да им се допадне нешто друго што ќе го купат. Ако клиентот влезе во маркет во кој најпотребните нешта се уште при влезот, тој можеби нема да купи ништо друго.
Изберете производи што се на промоција. Најевтините производи и оние кои се во големи и попрофитабилни пакети се ставаат обично на најниските полици, каде што не се гледаат. Внимателно разгледајте пред да одберете.
Пресметајте. Не секогаш големите пакети се најевтини. Пред да ги товарите во количката, направете пресметка на тоа колку штедите и дали ќе вреди. Не потпирајте се на етикетите, бидејќи тие знаат и да лажат.
Внимавајте на излезот. Деловите на штандовите најблиску до касите се суптилни. Компаниите плаќаат скапо за нивните производи да бидат поставени баш таму, бидејќи се на видно место и најдолго ви се во фокусот, додека чекате да платите на каса.
Носете си список и придржувајте се до него. Нема штета дури и да си запишете каква марка и какво пакување сакате, како и цената на истото.
Ќе ве маѓепсаат со љубезност. Големите маркети измислуваат секакви услуги, што на прв поглед баш и немаат ништо заедничко со пазарувањето. Целта е да ве натераат да поминувате повеќе време во нив. Колку повеќе време сте внатре и комуницирате со продавачите, толку поголема е веројатноста да купите нешто. На пример, продавниците за накит можат да ви понудат да ви ги исчистат прстените. Со тоа, продавачот добива повеќе време да го „омекне“ клиентот со својата љубезност.
Задржете го фокусот. Влезете во продавницата како да сте на мисија да купите точно определени работи и свесно избегнете ги сите дистракции. За разлика од маркетите, ова е малку потешко остварливо во продавница за накит или продавница за техника. Затоа, секогаш е добра идеја да ја посетите веб-страницата на компанијата, за да се информирате за тоа што нудат и кои цени можете да си ги дозволите.
Неопходно ли е? Најважното прашање кога купувате не е: „Најефтино ли е?“. Најважното прашање е: „Неопходно ли ми е?“.