Како 20-ти април стана Ден на тревата

Има денес нешто чудно во воздухот. Можеби и забележавте.

Денес е 20-те април, или поточно 4/20 (датумот, по американски), Weed day, т.е. Ден на тревата. Како баш 20-ти април стана празник на зелените? Како бројот 420 стана нумерички код на марихуаната?

Има повеќе теории.

Едната е дека 420 е изваден од калифорниската листа на кодови за криминални казни, со кој се означува казната за користење или дистрибуција на марихуана. Мит. Кодот 420 во Калифорнија означува попречување на движење на јавни површини.

Другата е дека е полициски радио-код за марихуана и прекршоци поврзани со неа. Пак неточно. Полициските оддели на Лос Анџелес и Њујорк (LAPD и NYPD) не ни имаат таков код. Има Сан Франциско, ама таму означува „малолетничка деликвенција“ (или нешто во тие рамки).

Легенда е и дека 4/20 потекнува од песна на Боб Дилан. Се реферира на песната Rainy Day Women #12 & 35 и стихот „Everybody must get stoned“. Помножете 12 и 35 и ќе добиете 420. Звучи како троа надувана теорија, нели? Плус, Боб Дилан никогаш нема потврдено дека постои некаква поврзаност.

Најверојатната теорија е „Легендата за Валдови“ (The legend of the Waldos). Според Крис Конрад – куратор во Окстердам Канабис Музејот во Оукленд, Калифорнија, 420 почнал како таен код меѓу група средношколци во раните 1970-ти.

Група другари од средното училиште Сан Рафаел, кои се самонарекувале „Валдовци“ (the Waldos), често се сретнувале во 16:20 часот т.е. 4:20 pm, кај споменикот на Луј Пастер, за да се напушат. Тоа било идеално време за групава да пафне џоинт или два, бидејќи часовите веќе им завршувале, а родителите сé уште не биле вратени од работа, што им давало солиден интервал да поуживаат без надзор од постарите.

4/20 станал таен интерен код што тие го употребувале пред своите родители или другите соученици во кои немале доверба. И така, 420 почнал да се шири и во други средини –  можеби преку фановите на Grateful Dead – низ Калифорнија и надвор, па еве, фала на интернет, и на глобално ниво.

Стана толку популарен што калифорнискиот Сенат го употреби како код за легислативата со која ја легализираше медицинската марихуана. Во меѓувреме, со губењето на стигмата кон марихуаната, кодот почна да се појавува и на маици, во био-то на друштвените профили (во форма на „420 френдли“), а и насекаде низ популарната култура.

Да го прославиме со едно видео на темата:

- Реклама -