Каде лежат притвор саудиските принцови

Најмалку 17 саудиски принцови и високи владини претставници беа уапсени во саботата откако крал Салман бин Абдул Азиз спроведе ненадејна чистка. Но уапсените не завршија во затвор или притвор.

Според Reuters и Wall Street Journal, некои од уапсените се задржани во Ritz-Carlton хотелот со 5 ѕвезди во Ријад. CNN не можеше да ја провери информацијата, а сопствениците на хотелот (хотелската компанија Marriot) – не сакаа да ја коментираат веста.

Меѓутоа, се појавија еден куп докази за необична активност. Резервациските веб страни ги покажуваа(т) 492-те соби во хотелот во саудиската престолнина како потполно недостапни до крајот на ноември. Во понеделникот, член на маркетингшкиот тим на Риц-Карлтон изјави дека ќе почнат со резервации дури од 1 декември.

Друштвените мрежи се исто така полни со шпекулации, особено откако се појавија бројни твитови во кои гости се жалат дека биле присилени да ги напуштат собите во текот на викендот (кога беа спроведени апсењата). Секоја комуникација со хотелот е во прекин, но сведоците велат дека гостите морале да се соберат на рецепција во саботата околу 23 часот (и тоа во стил „привршувајте со јадење и пијачките), за заедно со багажот да бидат качени на автобуси и преместени во други хотели.

„Поради непредвидени околности, интернетските и телефонските линии на хотелот се исклучени до понатамошно известување“, пишуваше на хотелската веб страна во понеделникот.

Меѓу уапсените беа и милијардерот и бизнисмен – принцот Алвалид бин Талал (10-от најбогат човек на планетата), поранешниот шеф на кралскиот двор – Калед Ал-Туваиџри, и саудискиот медиски могул – Валид Ал-Ибрахим.

Така, Риц-Карлтон би можел да стане луксузен притвор за некои од најбогатите луѓе на Блискиот Исток. Притвор во кој меѓу хотелските соби има двособни кралски апартмани, а на располагање има и „спа центар за господа“, неколку врвни ресторани и 52 хектара градини.

Во истиот хотел престојуваше и Доналд Трамп во улога на американски претседател при посетата на саудиското кралство во мај. Тогаш неговиот портрет беше проектиран на фасадата на хотелот.

Кон крајот на октомври, во хотелот се одржа голема инвестициска конференција наречена „Давос во пустината“. Присуствуваа повеќе од 3.500 бизнис лидери и владини претставници. Конференцијата ја предводеше токму принцот Мохамед бин Салман, кој го предводи и амбициозниот реформски план со цел намалување на зависноста на земјата од нафта во текот на следната деценија.

Принцот го води и антикорупцискиот одбор кој има овластување да истражува, апси, издава забрани за патување и да го замрзнува имотот на тие кои ги сомничи за корупција. Токму од тие причини до неделата наутро во хотелот Риц-Карлтон се доведени (ако се точни шпекулациите) 30-тина високи претставници, па и членови на кралското семејство кои се осомничени за кривични дела.

Но, зошто во луксузен хотел? Причината за ваквиот потег лежи во друштвените норми во племенски поврзаната Саудиска Арабија, според кои навредувањето на семејните главешини и постарите членови има тешки последици. Современото саудиско царство отсекогаш имало водство избрано со консензус меѓу различните, понекогаш и конкурентски членови на кралската лоза, сите со потекло од основачот Абдулазиз ал-Сауд, познат и како Ибн Сауд.

Затоа, понижувањето на членовите на кралското семејство може да има далекусежни последици. Секоја навреда или дело кое така би можело да се протолкува носи потенцијал да ги прекине меѓуплеменските врски кои се во основата на саудиското општество. Високопозиционираните членови на племето, кои до пред неколку дена беа дел од составот, го помагаа одржувањето на кралот на власт. Кога би биле ставени во затвор, кралот веќе не би можел да се потпре на лојалноста на сите членови на семејството, што веројатно ќе значи и крај на неговото владеење.

„Затоа (Салман бин Абдул Азиз) не смееше да ги стави во затвор. Ова беше единствено достојно и достоинствено решение кое го имаше на располагање“, изјави висок претставник на власта.

Сепак, Абдулкалед Абдула – пензиониран професор по политичка наука на универзитетот Emirates, изјави дека врските кои традиционално ги поврзуваа племињата и клановите, по овие случувања веќе не би требало да се толку силни.

„Мислам дека многумина се културолошки подготвени да го прифатат фактот дека сите во Саудиска Арабија треба да бидат еднакво третирани. Ако тие принцови се прогласени за виновни, тогаш нивното место ќе им биде во затвор, и со право. Повеќето Саудијци ќе бидат среќни да ги видат зад решетки“, вели професорот.

„Има над 300 милиони Арапи, и мислам дека веќе не сме толку племенски поврзан народ. Во Саудиска Арабија постои силна средна класа која се однесува како луѓето од средната класа било каде во светот. Тие се тие кои ова ги интересира повеќе од било кој друг. Тие се жедни за Саудиска Арабија од 21 век“, додава тој.

Башдар Хајдер – професор по филозофија на Американскиот универзитет во Бејрут, пак, смета поинаку:

„Тие што сакаат Мохамед бин Салман да пропадне, ќе бидат на страната на уапсените. Принцот ќе ги почитува семејните норми и чувства, и нема да се одрече од ниту еден член на семејството“.

 

- Реклама -