Објавувањето на Извештајот на Европската комисија за реформскиот напредок на Македонија во евроинтеграцијата, откри и еден навидум мистериозен податок. Според статистичката табела објавена на крајот од извештајот, во последните три години површината/територијата на Македонија „мистериозно се смалила“ за точно 279 km². Ваквиот податок го забележаа дел од граѓаните, па истиот отвори нови дилеми (и простор за теории) на социјалните мрежи и кај дел од јавноста.
Конкретно, во графата за површина на територијата на Македонија, за периодот од 2007 до 2017 година, наведени се 25.713 km². Тоа е бројката што ја учевме во училиште, тоа е бројката што стои и на Википедија, кога ќе изгуглате за Македонија. А сепак, во истата табела, за 2018-та година и периодот потоа, наведена е друга површина – од 25.434 километри квадратни.
Тогаш, каде и како исчезнал остатокот? Порталот „Инфомакс“ успеа да го добие одговорот од институциите.
Имено, порталот прво го контактирал Заводот за статистика, од каде телефонски одговориле дека и кај нив ја има истата дилема, бидејќи во нивните податоци сѐ уште фигурирала површината од 25.713 km², кога од Агенцијата за катастар на недвижности добиле нова бројка од 25.434 километри квадратни.
Кога истото прашање од „Инфомакс“ било поставено до Катастар, од таму одговориле дека државата нема изгубено територија, туку се работи за усогласување на површината на територијата на Република Северна Македонија.
Според образложението на Катастар, старата бројка од 25.713 km² се провлекува од претходниот Сојузен завод за статистика и и не е најјасно на кој начин истата е добиена. Новата бројка (површината од 25.435,8 километри квадратни), меѓутоа, е добиена по обработката на Регистерот на просторни единици и дигитализација на границите на државата, објаснуваат од Катастар.
Од таму посочуваат дека и оваа бројка најверојатно ќе претрпи минимални корекции откако ќе биде комплетирана постапката за класично GNSS теренско премерување на државната граница на Република Северна Македонија со соседните држави.
Во секој случај, не се работи за „смалување“ на површината и разликата не е резултат на некакви промени на државните граници при постапките на демаркација и премерување, категорични се од Катастар.