Кацарска: Го завршувам мандатот со чувство на исполнетост, водејќи се од идејата дека правдата секогаш ќе биде императив

Акт што ја регулира работата на Уставен суд и начинот на кој граѓаните може да се обратат, зголемен буџет, намалување на бројот на старите предмети, полн капацитет на Уставен суд и зголемена транспаренетност, се дел од активностите кои претседателката на Уставен суд, Добрила Кацарска, ги потенцираше за својот тригодишен мандат.

На прес-конференција во Уставниот суд таа денеска даде осврт за преземените обврски и активности за времетраење на нејзиниот мандат. Во фокусот на нејзиното обраќање беше Актот што ја регулира работата на Уставен суд и начинот на кој граѓаните може да се обратат.

Таа ги наброја бројните промени кои ги донесе Актот, како што се тоа што првпат Уставниот суд ќе им овозможи на правните лица и на странските државјани да поднесат барање и да побараат заштита за нивните слободи и права и можноста Народниот правобранител да поднесува барања за заштита на слободите и правата во име на оние граѓани кои тоа сами не можат да го сторат.

– Овој нов Акт на Уставниот суд предвидува и т.н контролни механизми за судиите и претседателите, да не може да се чуваат предмети „во фиока” со години, како што за жал беше случај во минатото. Се предвидува рок од најмногу шест месеци во кој судиите треба да го предадат рефератот и да го завршат предметот. Уште поважно, претседател на Уставниот суд откако ќе ги добие готовите предмети, не смее да ги чува подолго од еден месец и во тој период од 30 дена ќе мора да ги стави на дневен ред на седница, образложи Кацарска.

Потенцираше дека е скратен рокот за одговор на доносителите на актот од кои барале мислење во текот на постапките, па така наместо 30 дена максимален рок за одговор, ќе мора да го  дадат за најмногу 15 дена, по барањето на Уставниот суд.

– Како битна новина е и тоа што кога се поведува постапка за некои закони, а доколку Судот утврди дека може да настане некој вакуум простор со укинување или поништување, при што граѓаните или правните лица во тој период не може да ги остварат своите права, Уставниот суд ќе се обрати до доносителот на актот и ќе им даде рок од најмногу шест месеци за да направат исправка. Ваков начин на работа имаат уставните судови во Словенија, Германија и други земји, дополни Кацарска.

Во освртот го спомена и намалувањето на бројот на стари предмети од кои некои се чувале и по десетина години.

– Статистиките кои ги водиме покажаа дека има раст на укинати или поништени акти. Имено, во минатото ретко се случувало да се носат одлуки за укинување или поништување. Во овој мандат има 78 одлуки со кои се укинуваат закони и други акти и прописи, додека во делот за поништување се работи за 6 такви одлуки. Станува збор за закони или акти кои се донесени од различни собраниски состави,  факт којшто говори за непристрастноста на Уставниот суд, рече таа.

Дополни дека во овој момент судот работи со полн капацитет, вкупно девет судии и пополнетост на службата според потребите за работа, а помеѓу останатите вработени, за прв пат е вработен информатичар.

Во насока на финансиската независност на Уставниот суд, таа рече дека е обезбеден двојно поголем буџет за институцијата, што, според неа, придонело за подобри работни услови.

Прочитајте и:  Меџити „ги смирува“ Албанците во Македонија и надвор: Стекнатите права не може да се деградираат, туку ќе се унапредат

– Конкретно од 2020 од безмалку 40 милиони денари , во 2024 година буџетот на Уставниот суд изнесува 74 милиони денари, рече таа.

Кацарска информираше дека за прв пат во Уставниот суд е оформена канцеларија за класифицирани информации иако таа обврска постоела петнаесетина години наназад.

Според неа, Уставниот суд сега е ажурна институција со ефикасно постапување за предметите.

– Тоа го дополнуваат бројките од одржаните седници во изминатите години и како за пример ќе ја посочам 2023 година кога се одржани рекордни 46 седници, и тоа во период кога Судот функционираше со помалку судии,  што не било случај во постоењето на Уставниот суд, рече таа.

Ги спомена и донесените Програма и Стратешки план и афирмацијата на заложбите за транспарентен суд.

– Почнувајќи од вработувањето на портпарол-советник за односи со јавноста на Уставниот суд за прв пат, враќање на редовните брифинзи и прес конференции, брзи одговори за сите новинари. Впрочем оценката за транспарентноста ја даваат самите новинари или околу 90 опфатени во истражувањето кое го спроведе Судот минатата година. Како еден пример, 98 отсто од нив одговориле дека се задоволни со нашето информирање, а 84 проценти дале највисоки оцени за одговорите кои ги добиле од Судот, рече таа.

Најави дека Уставниот суд во следните денови ќе ја пушти новата веб-страница и потсети на поштенската марка која ја промовираа во февруари.

Кацарска потсети и на тоа што во 2023 Уставен стана еден од судовите-основачи на Балканскиот форум на уставни судови и рече дека полето на меѓународна соработка на Судот е обогатено и со професионална соработка со Уставниот суд на Република Бугарија со којшто склучилеМеморандум.

– Ја зајакнавме соработката со Мисијата на ОБСЕ којашто ја препозна важноста и улогата на Уставниот суд во правниот поредок и не’ поддржа во организирање на меѓународната конференција, едукација на нашите вработени и унапредување на нивните вештини и знаење. Отпочнавме соработка со програмата ИПА која ќе се реализира во следните две години. Ја зацврстивме соработката со германската фондација ИРЗ со чијашто поддршка ја вративме во фокусот темата за важноста од имплементација на уставната тужба во Република Северна Македонија, рече таа.

Ја нагласи и изговената студија за афирмирање на потребата од воведување на уставна тужба.

– Го завршувам овој мандат со чувство на исполнетост, водејќи се од идејата дека правдата секогаш ќе биде императив, рече Кацарска, заблагодарувајќи им се на колегите и на сите граѓани кои верувале во капацитетот и независноста на Уставниот суд.

Тригодишниот мандат на претседателката на Уставен суд, Добрила Кацарска, истекува на 2 јуни. Нејзиниот наследник, според најавата од Уставен, треба да биде избран утре од редовите на судиите.

На прашањето што очекува од нејзинито наследник, таа рече дека очекува Судот и понатаму да биде ажурен, да постапува по сите предмети без разлика од кого е поднесена иницијативата.

– Очекувам да продолжи таму каде што застанав јас, рече таа.

Aктуелни судии во Уставен суд од кои до крајот на месецов некој ќе ја преземе претседателската функција се Насер Ајдари, Осман Кадриу, Дарко Костадиновски, Фатмир Скендер, Татјана Васиќ Бозаџиева, Елизабета Дуковска, Јадранка Дабовиќ Анастасовска и Ана Павловска Данева.

Мандатот на претседателот на Уставен суд е три години, без право на реизбор.

- Реклама -