Кабинетот на Гаши го демантира МВР: Обезбедувањето на претседателот на Собранието беше на аеродромот за да ја смири состојбата

Од кабинетот на Африм Гаши велат дека членовите на безбедносниот тим на спикерот биле присутни само за да помогнат во смирувањето на ситуацијата настаната од недоразбирањето помеѓу обезбедувањето на претседателката на Косово, Вјоса Османи, и припадниците на аеродромското обезбедување. Тоа е во спротивност со наводите од соопштението што МВР го испрати вечерва до медиумите

Кабинетот на претседателот на Собранието негира вмешаност на членови на обезбедувањето на Африм Гаши во инцидентот што се случил денеска претпладне на скопскиот аеродром.

Иако Министерството за внатрешни работи испрати соопштение во кое се наведува дека член на обезбедувањето на Гаши, кој воедно е полициски службеник, направил инцидент со вработени во ТАВ Македонија откако од претседателката на Косово, Вјоса Османи, било побарано да го остави телефонот за да помине низ скенер, од кабинетот на претседателот на парламентот ги демантираат овие наводи велејќи дека членовите на обезбедувањето на Гаши биле присутни само за да се смири ситуацијата настаната од недоразбирањето меѓу обезбедувањето на Османи и припадниците на аеродромското обезбедување.

„Обезбедувањето на претседателот Гаши, кои се вработени во МВР, интервенирале да ја смират ситуацијата и да им помагаат на нивните колеги за спроведување на безбедносните постапки при посета на ВИП-личности“,

велат од кабинетот на Гаши.

Оттаму додаваат дека секое известување кое го сугерира спротивното е тенденциозно, дополнително повикувајќи ги медиумите кои известуваат за овој настан да ги проверат тие информации пред да објават вакви тврдења.

Но, наспроти ова, МВР вечерва соопшти дека денеска околу 10 часот, додека претседателката на Косово, Вјоса Осман, поминувала на гранична контрола, во моментот кога од неа било побарано да го остави телефонот за да помине низ скенер, едно лице од нејзиното обезбедување го оттргнал вработеното лице од ТАВ, за таа да помине без скениран телефон и рачен багаж. Иако вработениот бил оттргнат, сепак багажот бил вратен и поминал на скенер.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи

Половина час по случајот, според соопштението од МВР, на аеродромот пристигнало лице од обезбедувањето на претседателот на Собранието, Африм Гаши кое е полициски службеник, заедно со уште двајца припадници на полициските служби и започнало да се заканува на вработените во ТАВ и го барал „виновникот“ кој и направил проблем на Османи, притоа туркајќи полициски службеник кој бил вработен на граничниот премин.

„Веднаш е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и во координација со ОЈО за ГОКК се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“,

информираа од МВР.

Од ТАВ Македонија информираа дека во согласност со Законот за воздухопловство и меѓународната законска регулатива која се однесува на обезбедување на цивилното воздухопловство, како аеродромски оператор имаат законска обврска за спроведување на безбедносен преглед на сите патници, багаж и стоки на летовите од Меѓународниот Аеродром Скопје и од Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид.

По инцидентот кој се случил денеска на скопскиот аеродром со претседателката на Косово, Вјоса Османи, каде се вмешал и член на обезбедувањето на собранискиот спикер Африм Гаши, од ТАВ Македонија велат дека на проверки се обврзани и патниците кои патуваат преку ВИП-салонот.

„Одделот за Обезбедување на ТАВ Македонија, постапувајќи во рамките на своите овластувања спроведе стандардна безбедносна проверка на споменатиот патник како и на неговиот багаж, на пунктот за безбедноста проверка во ВИП- салонот, со цел обезбедување на конкретниот комерцијален лет“,

велат од ТАВ Македонија.

- Реклама -