Во интервју за CNN, токму на вечерта пред европските избори, претседателот на Европската комисија – Жан Клод Јункер, не ја криеше својата фрустрација од популистите и националистите.
„Овие популисти, националисти, глупави националисти, вљубени се во своите земји. Не ги сакаат оние кои доаѓаат од далеку. Јас ги сакам тие што доаѓаат од далеку… Мораме да се бидеме солидарни со оние кои се во полоша ситуација од нас“, вели Јункер.
Зборувајќи за Брегзит, вели дека му е смачено, особено што очекува Британија повторно да побара одложување. Вели дека друг референдум не би помогнал затоа што би можел да го има истиот резултат. „Се надевам дека ќе се договорат меѓу себе и ќе ја напуштат ЕУ до крајот на октомври. Тоа е нивна патриотска должност… Се чини дека поважно им е да ја заменат премиерката отколку да се договорат. На Унијата, меѓутоа, не ѝ е важно кој е премиер, важен е договорот за напуштање“.
Прашан зошто евроскептиците се поефикасни во агитирањето на поддржувачите отколку проевропските политичари, Јункер вели: „Секогаш е полесно да ги мобилизирате негативните сили отколку да ги мобилизирате позитивните“.
Јункер го начна и неговиот однос со американскиот претседател Доналд Трамп. „Тој вели дека сум му пријател, такашто и јас морам да речам дека сум му пријател. А и јавно вели дека ме сака. Кој друг изјавил такво нешто освен Доналд?“, се шегува тој.