ЈСП „Скопје“: Се надградува системот за електронска наплата на билетите во автобусите, во тек е втората фаза

Оттаму ги замолуваат граѓаните за разбирање во овој, како што велат, преоден период

Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ денеска попладне извести дек во тек е надградба на системот за автоматска локација на возила и за електронска наплата на услугата во нивните и во автобусите на приватните превозници. 

Валидатор во автобус на ЈСП „Скопје“ / Фото: Фејсбук-профил на ЈСП „Скопје“

Надградбата, како што информираа од претпријатието, се врши во три фаза од софтверската компанија „Аитоникс Македонија“, согласно договор од 15 април 2024 г.  

Во моментов, велат оттаму, се работи на втората фаза, во која се инсталира по еден валидатор во сите возила од новиот надграден систем. 

„Оваа фаза ќе заврши до 15.09.2024 година кога почнува третата фаза, односно паралелна работа на двата системи, при што новиот валидатор во целост ќе ги прифаќа билетите како и во стариот систем“,  

велат од ЈСП.

Поради ова, појаснуваат од претпријатието, новите валидатори во моментов се заштитени, бидејќи сè уште не се во функција, а така ќе останат додека не заврши втората фаза во сите автобуси.  

Третата фаза, според ЈСП, ќе трае од 15 до 30 дена при што ќе се детектираат сите недостатоци на новиот систем, доколку постојат.  

„Потоа се исклучува во целост стариот систем, се поврзува и предниот валидатор на новиот систем, со што надградбата ќе биде завршена“,

велат од Јавното претпријатие.  

Оттаму ги замолуваат граѓаните за разбирање во овој, како што велат, преоден период.  

- Реклама -