Популарните „yoga pants“ се сé поголем извор на пластика која завршува во океаните и го загадува морскиот екосистем, а со тоа и морската храна. Заклучокот произлегува од двегодишната студија врз микроскопските пластични честици во водите на Мексиканскиот залив.
Проектот го предводи Sea Grant Consortium на Мисисипи и Алабама, а фокусиран е на истражување на ситуацијата со микрофибер влакната во водите во Флорида. Се покажува дека сé повеќе микрофибер доаѓа од јога хеланките и другата спортска облека, која при перењето испушта микроскопски пластични влакна. Потоа отпадните води, полни со микровлакна, завршуваат во океаните и морињата. „Всушност, се работи за секаква облека што содржи најлон или полиестер“, истакнува Маја Мегвајер од Универзитетот на Флорида.
Истражувањето на Мегваер е уште еден доказ дека опасноста за околината доаѓа и од места кои луѓето не ги сметаат за загадувачи, во случајов – ормарите. Микровлакната имаат својство полека да се распаѓаат во водата, но никогаш не исчезнуваат.
Другите неодамнешни студии покажуваат дека микрофиберот може да заврши во стомаците на морските животни кои луѓето ги користат како храна, како што се остригите. Експертите сметаат дека и производителите на машини за перење, а не само на детергентите, треба да се мета на критика, сé со цел да се намали пластичниот отпад во океаните.
Ваквите податоци ја наведоа компанијата Patagonia, на пример, која произведува јакни и други облеки од синтетички материјали, да го поддржи истражувањето за загадување со микрофибер, и да ги извести купувачите за тоа како да го минимализираат ослободувањето на пластични микро-влакна од облеката при перењето. Сепак, иако таквите напори се корисни, проблемот мора да се решава на самиот извор, т.е. со уреди за чистење на водата, истакнува Кејтлин Весел – координаторка на програмата за отпад во морињата на американската Национална управа за океан и атмосфера.
„Ќе биде одлично ако се придружат компаниите кои произведуваат машини за перење и пронајдат филтери кои ги собираат тие микровлакна“.
Проектот на Мегвајер покажува дека во 89% од примероците има барем едно парче пластика, а најголемиот дел отпаѓа на микровлакната, кои сочинуваат 82% од составот на таа пластика.