Јоана Ристеска, Иво Николовски и Стражар-дел од музичката програма на „Во(н) јавниот простор“

Јоана Ристеска, Иво Николовски и Стражар (Мартин Џорлев) се дел од музичката програма на настанот „Во(н) јавниот простор“! што ќе се одржи дворот на студентскиот центар „Гоце Делчев“ на први јуни од 18 часот.

Јоана е соло-артистка и инструментлистка од Скопје. Изведува и компонира музика за акустична и електрична гитара и со помош на неколку клучни гитарски педали за неа, ја истражува можноста за експанзија на гитарскиот звук кон слоевита оркестарска димензија потопена во реверб. Се нурнува во екскурзии од долги лупови и хипнотични пасажи кои се преплетуваат. Нејзиниот уметнички сензибилитет се распространува од класична-современа и филмска музика до експериментален рок, амбиент и дрим-поп.

Иво Николовски е уште еден дечко што свири гитара и понекогаш пишува преемоционални, развлечени, малку лигави ама само малку, песнички. Во последно време настапува сам со своите мисли кои ретко излегуваа од неговата соба но за некоја необјаснива причина имаат потреба од изложување пред светот и Скопје.

Стражарот ја следи патеката на најмал отпор. Го собира во тегла ветрот кој минува низ рушевините на старите замоци, па го мачка на лепче и го јаде заедно со ајвар и сирење. Кога ќе се најаде, почнува да свири.

„Во(н) јавниот простор“ се случува во организација на Галена Јованоска и Алекс Шалевиќ , како дел од програмата „Акции за заедницата: Мобилизирање на граѓан(к)ите за локални решенија“ поддржан од National Endowment for Democracy.

- Реклама -