Je suis потрошувач

cacc20342049c0fed2ecd9fdc13a12ac[1]

Државата може да го штити капиталот, или може да го штити човекот; идејата во која би ги правела и двете нешта во интерес на двете страни всушност, дури ни теоретски, не е можна. Капиталот го брише човекот, ја брише човечноста, а со самото тоа „владата бирана од народот и за народот“ – како што би рекол американскиот устав, теоретски не би можела да се бави со заштита на капиталот, колку и тоа социјал-демократите да би го посакувале. Демократијата и капитализмот немаат знак за еднаквост меѓу себе.

Поттикнувајќи ги конкуренцијата и компетицијата, капитализмот од корпусот на општествениот систем на вредности ја исфрла солидарноста и емпатијата како морални императивни, префрлувајќи ги во сферата на личниот избор и воглавно ги гледа како „неодговорни, слаби, болезливи и глупи“.

Поттикнување на таканаречениот „индивидуализам“ всушност значи амнестија од одговорноста за себичлукот, саможивништвото и безобзирноста, третирајќи го односот кон слободата како одност кон слобода од истите тие одговорности. Препуштени исклучиво на законските регулативи, а со измолкната морална столица, добиваме систем во кој е дозволено сé во што нема да бидеш фатен, а и ако бидеш фатен, можеш да ја откупиш својата повторна прилика за да продолжиш со тоа што го правиш.

Општеството без емпатија и солидарност како морални императиви е сведено на потрошувачко друштво во кое човечноста се мери со потрошувачка, а што, во крајна инстанца, произведува општество на потрошувачи, наместо човечко општество. Социјалниот статус зависи исклучиво и единствено од количината на потрошувачка. Што е таа поголема, толку и социјалниот статус е повисок. Со самото тоа, заменетиот човек (со потрошувач), доаѓа во ситуација во која и своите човекови права (барем така сé уште ги викаме) ги остварува во онаа мера во која троши.  Ако си геј, лезбо, црнец, Ром, муслиман… сеедно, никогаш нема да имаш проблем со своите човекови права, сé додека живееш во одреден дел од градот во вила, возиш скапа кола, имаш приватен џет, плаќаш скапи одела, високи сметки, обезбедување и сл… Нивото на твојата потрошувачка е сразмерно со нивото на твоите права. Fuck human, praise the spender.

Така, „капитализмот со човечко лице“ е невозможен потфат на ист начин како што е невозможно модерната „демократија“ (барем така ја викаме) – која зависи исклучиво од количината на пари – да биде огледало на волјата и добробитта на секој поединец во заедницата.

Поентата не е во тоа секој од нас да работи за себе за да му биде подобро, па кога сите така ќе работиме… тогаш на сите ќе ни биде подобро. Нема да ни биде. Просто не е возможно на сите да им биде подобро, зашто од некаде мора да се земе за на друго место да се додаде. Единствено ако поаѓаме со идејата на сите да ни биде подобро, заедно, солидарно и емпатично, само тогаш имаме шанса да оствариме и лична слобода. Личната слобода лежи во изборот за ова или она нешто, во креативниот однос кон себе и кон општеството, а не во амнестија од морални осуди на себичноста, лакомоста и алчноста.

Непостоењето на моралниот императив на солидарност и емпатија, отвара сосема непредвидливи можности кои, за жал, ги гледаме околу себе и кои нас сосема детерминирано и директно нé водат во Трета светска војна како единствен излез на капиталот од изумирање.

Се разбира, не е сé така црно. Секогаш постои можност за револуција, зарем не?

Владимир Греблахер за Akuzativ

- Реклама -