Јас се викам „Човек“ и сум зависен од технологија

Во денешно време ретко кој не е зависен од технологија, а особено помладите генерации. Бидете искрени: можете ли да поминете еден ден без телевизија, мобилен телефон или не дај Боже без Интернет?

Еден обичен ден: телевизорот во собата ви е постојано вклучен иако не ни гледате во него, туку се занимавате со други работи, да не речам со проверување на Фејсбук-от на вашиот компјутер или мобилен телефон.

Зависноста од Интернетот е толку голема што имам слушнато ситуација во која едно момче на интервју за работа под масата си ја проверувал електронската пошта. А да не го споменувам тоа кога сте на преубава плажа, сонцето пече, морето е чисто како солза, а вие постојано сте на мобилниот и се „чекирате“ или „чатувате“ наместо да уживате и да се опуштите.

technology-and-people-2illplc1

Сигурно знаете за негативните последици од честата употреба на компјутер и седењето со часови пред телевизор, но ќе ги повторам: штетат на видот, на работата на срцето, предизвикуваат несоница, а употребата на мобилниот телефон, пак, според некои истражувања може да предизвика рак. Свесни за ова, ние упорно и упорно не се делиме од нив.

Иако во научниот свет се води дебата дали зависноста од новите технологии треба да се смести во официјална дијагноза, неоспорно е дека голем број луѓе ширум светот прекумерно ги користат во секојдневниот живот. Од друга страна постојат мислења дека опседнатоста од новите технологии не е пореметување само по себе, туку укажува на други ментални нарушувања и се препорачува корективна стратегија како што се посета на психијатар.

20120313-173926

Да ги кажеме и позитивните страни на новите технологии: неопходни – современиот пазар бара брза реакција така што деловната комуникација се одвива токму по овој пат, забавни – ќе го поминете слободното време со некоја игрица или во разговор со пријателите што се во странство, корисни – замислете дека сте далеку од најблискиот фиксен телефон или болница, а пред вас се случува сообраќајна несреќа, информативни – во секој момент може да ги дознате најновите вести, да видите што има ново во кино салите, театрите, во уметничките галерии и тоа не само во вашиот град, туку ширум светот.

А, ако сакате да се „излечите“ од оваа зависност еве неколку совети: пробајте да бидете недостапни, исклучете ги сите уреди на неколку дена, или поминете само еден ден во неделата без телевизија, Интернет и мобилен телефон. И секако најдете некој кој ќе ви биде поддршка во периодот на вашата рехабилитација. Среќно!

 

- Реклама -