Јапонската бела јагода од 10 долари

Да не беше Интернет, повеќето од нас немаше ни да видиме, а камоли да пробаме бела јагода. Но во Јапонија луксузните овошја, меѓу кои и јагодите, ги красат пазарите веќе со години. Во земјата всушност има неколку видови бели јагоди, но најретката е White Jewel („бел дијамант“, по нашки), т.е. Shiroi Houseki.

White Jewel јагодите се создадени пред 4 години од Јасухито Тешима, и неговата фарма моментално е единствената во светот што го произведува ова овошје. Тешима тврди дека потрошил години и години на калемење помеѓу разни видови јагоди и усовршување на техниката на одгледување, сé со цел да добие голема јагода која ќе биде бела и на надворешноста, но и во внатрешноста.

Но дури и по години и години усовршување на процесот, по пат на обиди и грешки, Тешима признава дека техниката му е далеку од перфектна. Само 10% од неговите јагоди излегуваат бели, додека само мал дел од нив се перфектно бели – останатите имаат црвени дамки или имаат жолтеникаво-млечна боја.

Една од тајните на одгледување на белата јагода на Тешима е намалување на изложеноста на сончева светлина, со што се намалува нивото на антоцијанин – природната хемикалија што на овошјата и зеленчуците им ја дава бојата.  Но штом една бела јагода целосно ќе се оформи, веќе не може да стане црвена, дури и ако ја изложите на сонце.

Тешима исто така признава дека има прилично голема конкуренција во другите видови на бели јагоди на јапонскиот пазар, но, вели тој, неговите се многу поголеми и побели од сите останати.

А како што можете да замислите, вака ретко и тешко за производство овошје може да достигне мошне висока цена. White Jewel е добар пример, со цена од 10 долари (550 денари) по јагода, или мали пакувања од 40 долари (2200 денари). Кај и да живеете во светов, тоа е суперскапо за една јагода.

Меѓутоа, „вкусот е нешто длабоко, нешто што нема особено интензивен импакт, но ти дава благо мистериозно чувство, и на крајот е многу, многу вкусно“, објаснува Тешима за Great Big Story. Џон Дуб, привремен жител на Јапонија, имал шанса да ја проба. Вели дека мириса многу слатко. „Кожата“ е многу мека. Првиот гриз е сочен и со првичен вкус на свеж ананас, но тој вкус се менува после некоја секунда. Потоа станува слатка како некоја добра „чоколадна“ (candy) бонбона, но не претерано. За разлика од разните слатки, вкусот од природните шеќери не ви останува во устата и наместо тоа ве остава со вкус на свежина.

White Jewel, како и другите уникатни овошја, во Јапонија ретко се купуваат чисто за јадење, туку најчесто како специјален подарок. Затоа што сепак, ниту една јагода не вреди да ја јадете за тие пари. Но вреди еднаш да ја пробате. Згора на тоа, има и поскапи.

Бонус видео: Споредба на неколку јапонски уникатни јагоди

- Реклама -