Јанушев обвини дека СДСМ го злоупотребиле објектот на Владата за партиски цели, СДСМ тврдат дека тој манипулира со стари фотографии

Генералниот секретар покажа фотографии и од машини кои рече дека имало индиции оти биле искористени за печатење изборни материјали на СДСМ

Игор Јанушев, генерален секретар на Владата / Фото: принтскрин

Игор Јанушев, генералниот секретар на Владата, вечерва ги повика МВР и Јавното обвинителство да влезат во Генералниот секретаријат на Владата и да истражат потенцијален криминал на претходната власт, притоа тврдејќи дека депото на Владата се користело како штаб на СДСМ.

Истакнувајќи фотографии во гостувањето на ТВ Сител, Јанушев рече дека меѓу нив има и докази за јавен повик за доделување финансиска поддршка, креиран на 1 април 2022 година, но кој бил направен како да е од 21 мај 2021-ва.

Игор Јанушев, генерален секретар на Владата / Фото: принтскрин

Според него, се работи за кривично дело за кое некој треба да одговара.

Генералниот секретар покажа фотографии и од машини кои рече дека имало индиции оти биле искористени за печатење изборни материјали на СДСМ.

„Со ова ја отвораме Пандорината кутија. Очекувам надлежните институции од утре да дојдат и да ги почнат соодветните постапки. Инаку, јас лично не правам проверки, туку гледам да ги средам работите што со години биле оставени“,

рече Јанушев.

Игор Јанушев, генерален секретар на Владата / Фото: принтскрин

Тој смета дека бесправно е обвинуван од опозициската СДСМ за станов во кој живее, а кој го има пријавено пред година и пол.

„Јанушев има стан. Тоа е истиот стан којшто е пријавен пред повеќе од година и пол, додека сегашната опозиција се уште беше на власт и доколку имаше нешто нелегално или спорно околу тој стан, веројатно немаше денеска да седам овде како генерален секретар на Владата. Анкетниот лист од 2015 кога бев директор, Анкетниот лист кога станав пратеник и Анкетниот лист кога станав генерален секретар на Владата се јавно достапни документи кои секој може да ги провери и да види што имал Јанушев, како се движеле тие промени и што има сега. Сè што поседувам е пријавено. Тоа што имотот е поклон од моите родители, не го менува фактот дека истиот е пријавен пред повеќе од една и пол година“,

рече Јанушев при гостувањето.

Тој ги повика институциите час поскоро да проверат и да го затворат прашањето за станот кој му е оставен како поклон од неговите родители.

Одговарајќи на прашањето каква е коинциденцијата, што во истата зграда, стан поседува и министерот Панче Тошковски, Јанушев одговори:

„Зошто би било спорно за некој со кој се дружиме од најрана возраст да ми биде или да му бидам комшија? Да, комшии сме, не го криеме тој, живееме речиси година и пол во таа зграда, во тие станови, се дружиме со сите комшии во таа зграда и околу зградата во маало, одиме секојдневно со децата во училиштето, така да не гледам што би било спорно“.

СДСМ: Јанушев покажа слики од кампањата од 2016 година, се уште должи одговори за станот

Во меѓувреме опозициската СДСМ реагираше на гостувањето на Јанушев во Сител и неговите изјави, тврдејќи дека тој бил во сериозна криза и страв заедно со неговата партија, бидејќи со слики од кампањата од 2016 година се обидувал да докаже дека се злоупотребувала Владата за печатење на материјали за СДСМ во 2021 година.

„Очајот и потребата да се спинуваат и покријат сите скандали во кој е фатен Јанушев и ВМРО-ДПМНЕ ги тера да креираат смешни скандали со уште посмешни докази. Слободно институциите нека истражат за каков тоа скандал се работи со печатење на изборен материјал кој се печател преку временска машина, за потребите во 2016 година, но со датум на печатење во 2021. Граѓаните се смеат на јаловите обиди на Јанушев и ВМРО-ДПМНЕ даги прикријат сериозните криминали на нивните функционери“,

стои меѓу другото во реакцијата на СДСМ.

Според нив, генералниот секретар се уште и должи одговор на јавноста во каков бизнис е со министерот Тошковски и треба да ја објави постапката во која тие двајца се стекнале со убави станови.

- Реклама -