Јаневска за проблематичниот ученик: Детето не смее да остане на улица, проблемот ќе го решава МОН доколку училиштата не најдат решение

Според неа, случајот со детето добил преголема, непотребна и донекаде неправедна јавност и обем и најавува дека МОН досега има преземено одредени чекори, но доколку во следните два-три дена не се најде решение, повторно ќе се инволвираат

Министерката за образование и наука Весна Јаневска упати повик до директорите, градоначалниците и стручните служби да дадат дообјаснување до училиштата и до родителите на децата што учат во „Лазо Ангеловски“ и „11 Октомври“ за да се реши случајот со проблематичниот ученик поради кој цели одделенија од Центар веќе бојкотираат настава, а во „Лазо Ангеловски“, денес треба да се одлучи дали учениците утре ќе се појават на настава или не.

Јаневска вели дека досега Министерството за образование и наука (МОН) има преземено одредени чекори, но доколку во следните два-три дена не се најде решение, повторно ќе се инволвираат.

„Решението треба да биде задоволително за сите страни што според мое мислење е можно и доколку треба во следните неколку денови ќе се сретнам со сите релевантни чинители со кои треба да разговарам“,

рече Јаневска денеска одговарајќи на новинарски прашања.

Според неа, случајот со детето добил преголема, непотребна и донекаде неправедна јавност и обем.

„Секое дете во земјава има право на образование и тоа е задолжително. Детето кое и да е и што и да му се случува во животот, во системот на државата треба да си најде место односно државата, вклучувајќи ги и училиштата, е должна да му овозможи на детето да поминува низ образовен процес“,

рече Јаневска.

Таа вели дека реакцијата на сите родители е пренагласена, но и дека училиштата треба посериозно да ја сфатат работата околу децата со потешкотии во учењето или имаат потешкотии во однесувањето и во социјализацијата.

„Овој случај трае премногу. Преземени се одредени мерки, па дури и МОН формираше комисија која се вмеша во решавањето на проблемот. Препорачано е детето да ја промени средината. Ако стручни лица тоа го препорачуваат значи така треба да биде. Училиштето од кое потекнува детето има на располагање педагог, психолог, социјални работници, директор и цел систем кои треба да го реши проблемот. Било кое училиште во кое оди детето ги има истите служби и цел систем на располагање. Детето не смее да остане на улица“,

додаде Јаневска велејќи дека денеска ќе провери дали е точно дека детето има право да остане да се образува во општината од којашто потекнува.

МОН, додаде Јаневска, ќе се заложи да го реши проблемот иако не се ова наши ингеренции. Поголеми ингеренции имаат општините, педагошките и социјалните служби и директорите.

Во однос на информациите дека други ученици се отпишани од „Лазо Ангеловски“ поради однесувањето на овој ученик, Јаневска вели дека постои систем за да го реши проблемот.

„Ако по линија на помал отпор било дозволено да се отпишуваат ученици заради присуството на ова дете, ние вината не треба да ја бараме ниту кај учениците ниту кај родителите. Системот затоа постои, училиштето има препораки, упатства, се треба да се организира и да се спроведе за детето да не трпи“,

рече таа.

- Реклама -