Јаневска се извини за „лошо срочената изјава“ за учебниците по странски јазик

Јаневска посочи дека на веб-страницата на Бирото за развој на образованието ќе бидат објавени одобрените учебници за јазик и култура на заедниците и неколку материјали за учење

По изјавата дека за учење странски јазици нема потреба од учебници и дека учениците ги учат странските јазици од ТВ-серии, што предизвика силни негативни реакции во јавноста, министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска се извини за, како што рече, лошо срочената изјава, и појасни дека Бирото за развој на образованието не ги одобрило учебниците по овие предмети. Таа најави дека следната година ќе има учебници за сите ученици.

„Нема учебници за странски јазици, англиски, германски, француски, италијански јазик. Длабоко се извинувам на јавноста за мојата лошо срочена изјава вчера кога бевме на увид на реконструкција на спортска сала во Гази Баба, при што не дообјаснив така како што треба. Потенцирам дека најголем број од учебниците за јазик и култура на заедниците Бирото не ги одобрило заради неквалитет на понудените учебници. На пример, во понудените учебници се повторува материјал што децата го учат во својот сопствен мајчин јазик, на пример дефиниција за именка, заменка, предлог, она што го учат во мајчиниот јазик. Кога се изучуваат јазиците на заедниците, треба да се фокусираме на комуникативниот јазик“,

рече Јаневска.

Таа изрази надеж дека Бирото за развој на образованието за следната година веќе ќе одобри квалитетни учебници.

Јаневска посочи дека на веб-страницата на Бирото за развој на образование ќе бидат објавени одобрените учебници за јазик и култура на заедниците и неколку материјали за учење.

„Поентата е дека седум години наназад нашите ученици немаа учебници ниту по странски јазици, ниту учебници за јазик и култура на заедниците. Идната година ќе ги имаат сите тие учебници, а оваа година на веб-страницата на Бирото за развој на образование ќе бидат објавени одобрените учебници за јазик и култура на заедниците и неколку материјали за учење кои они ќе можат во овој период да го изготват. За квалиетен учебник треба време“,

додаде министерката.

Министерката за образование вчера изјави дека во новата учебна година ќе има учебници за сите одделенија, освен учебници за странски јазици. Сепак, како што рече таа, тоа нема да биде проблем бидејќи децата учат јазици од серии и поентата е да разбираат и да зборуваат, не да учат граматика на странскиот јазик.

Од СДСМ ваквата изјава ја оценија како скандалозна.

- Реклама -