Освен учебниците за странски јазици, по сите други предмети учебници ќе има во училиштата на почетокот на учебната година, повтори денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска. Во однос на контролата во високото образование, за што со одлука на Владата ќе се основа посебно тело, Јаневска информираше дека тоа се формира и дека од Просветниот инспекторат веќе е побаран увид во работата на неколку универзитети.
-Сите учебници кои оваа влада ги вети, оваа година ќе стигнат до почетокот на школската година. Веќе објавивме дека е почната дистрибуцијата, сѐ уште имаме учебници во печат, но според договорот, и тие до 1 септември би требало да бидат во училиштата. Јас длабоко се надевам дека тоа ќе биде испочитувано од дистрибутерите. Повторувам дека ќе нема учебници по странски јазици, не по вина на оваа Влада, туку по вина на претходната Влада, затоа што тендерот е поништен и сѐ уште е во жалбена постапка и ништо што би било во склоп на закон не би можело да се преземе надвор од тоа, да ја чекаме да заврши таа процедура. Другото, се надевам ќе биде сѐ во ред, изјави Јаневска по увидот во активностите за реконструкција на ОУ„Тошо Велков-Пепето“ во Кавадарци.
Како што рече, она што многу ги интересира и наставниците и родителите – ќе има историја и општество за петто и шесто, и историја и географија за седмо одделение.
-Нив ги видов како урнек и навистина се убави учебници, додаде Јаневска.
Во врска со најавата од Владата за тело/комисија за што ќе биде надлежно Министерството за образование и наука, со задача да ја контролира работата на високообразовните установи, министерката рече дека сѐ уште е во фаза на формирање, но дека од ДПИ е побарана контрола на неколку универзитети.
-Комисијата е сѐ уште во формирање, но секторите во Министерството работат. Ние сме побарале од Државниот просветен инспекторат да направи увид во неколку универзитети, направивме силни напори да овозможиме годинава неколку евалуации на неколку универзитети. Сѐ е тоа во процедура, но тој процес е тргнат и нема да запре. Ќе заврши така како што треба заврши, се разбира по закон, нагласи министерката Јаневска.