Јаневска очекува универзитетските професори да имаат повисок академски ангажман за подобра позиција на Шангајската листа

Јаневска вели дека треба поголемо вклучување во мрежите на ЕУ, посветување внимание на домашни и меѓународни проекти, како и поголемо поврзување на академската сфера со стопанството и со бизнис-секторот

Министерката за образование и наука Весна Јаневска / ФОТО: МОН

Квалитетот на високото образование и академското рангирање на македонските универзитети може да се подобри со измени на Законот, но и со поголем ангажман на универзитетските професори, смета министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Според неа, измените на Законот за високо образование ќе дадат одредени услови за постоењето и функционирањето на универзитетите, но ќе се прецизираат и обврските на научниот и образовниот кадар во високото образование.

„Јас сум професор и не би сакала никој погрешно да ме сфати. Да, универзитетските професори треба да имаат високи плати. Но, не можеме да продолжиме да бидеме рамнодушни кон она што Шангајското рангирање го бара. Таму има многу елементи, а еден е научната работа на професорите. Имаме и посебни научни институции, но сите високообразовни институции се обврзале дека ќе се бават и со наука. А ако сте се обврзале да исполнувате одредени услови за да има напредок на државата, треба и да ги остварувате“,

вели Јаневска во интервју за „Мета.мк“. 

Во соопштението од Министерството за образование и наука (МОН), се вели оти Јаневска истакнала дека она што како држава и како Министерство го очекуваат од универзитетските професори е повеќе да се ангажираат во сите нивни области – во образованието, во науката, во истражувањата.

Јаневска вели дека треба поголемо вклучување во мрежите на ЕУ, посветување внимание на домашни и меѓународни проекти, како и поголемо поврзување на академската сфера со стопанството и со бизнис-секторот.

Според Јаневска, важно е прилагодувањето на студиските програми на пазарот на трудот, за да можат младите кои ќе ги завршат, да најдат работа во земјата. 

„Државата треба да има увид во тоа што се случува за да може долгорочно и стратешки да планира. Не смее да продолжи праксата да бидеме извозник на нашето најголемо богатство, ама без пари“,

вели таа.

Јаневска додава дека со податоците на Агенцијата за вработување, Заводот за статистика и другите државни органи, со анализата на Министерството за образование и наука, во соработка со стопанските комори и бизнис-секторот, ќе се направи сериозна анализа за тоа кои кадри ги има премногу, а кои недостигаат.

„По ова ќе можеме да ги насочиме младите кон дефицитарните струки, за да имаат некаква гаранција дека откако ќе завршат, ќе можат во државава да се вработат“,

вели министерката за образование и наука Јаневска.

- Реклама -