Јаневска најавува редовна контрола на студентските домови од страна на Просветниот инспекторат

Таа вели дека ќе продолжи започнатото реновирање на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“, а наскоро ќе започнат и реконструктивните активности во „Стив Наумов“ во Скопје, но и дека ќе се работи на подобрување на условите во целата држава

Министерството за образование и наука најавува контрола на начинот на кој досега работеле студенстките домови. Контролата ќе се врши врз основа на поплаките кои стигнале до нив, а потоа тие ќе бидат на редовна основа.

Министерката за образовани и наука Весна Јаневска велидека досегашните поплаки за работењето на студентските домови ги проследиле до Државниот просветен инспекторат (ДПИ).

„ДПИ има многу работа, но ги замолувам инспекторите да вложат максимален ангажман, за да можеме да ја поправиме државата. Тоа е неопходно затоа што треба да им овозможиме на младите нормално да функционираат за да можат да градат вредносен систем, да градат морални норми, за да си ја сакаат татковината и да сакаат да придонесат за неа“,

вели Јаневска во интервју за „Мета.мк“.

Таа вели дека ДПИ интензивно веќе влегува во студентските домови, прво таму од каде што имале поплаки, а потоа кога ќе се заврши ургентната работа, Јаневска вели дека Просветниот инспекторат редовно ќе прави контроли и анализи на нивното работење.

Министерката вели дека е жално што студентските домови, во дел, биле крајно запуштени и нуделе супстандардни услови за живот.

„Во нив учат младите луѓе кои утре треба да ја градат и водат државата“,

додава Јаневска.

Таа додава дека ќе продолжи започнатото реновирање на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“, а наскоро ќе започнат и реконструктивните активности во „Стив Наумов“ во Скопје, но и дека ќе се работи на подобрување на условите во целата држава.

- Реклама -