Јаневска: МОН бара објект за студентите од ФИНКИ

Министерката Јаневска вели дека имале средба со деканот на ФИНКИ и оти Министерството веќе бара опции со кои би им помогнало на студентите да имаат нормални услови за настава

Министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека се бараат опции во кои би можеле да се сместат студентите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Таа вели дека сместувањето на студентите нема да биде во објектот што седум години се руинира.

„Секако дека студентите нема да учат во ова што се руинира веќе седум години. Интензивно бараме решение за тоа. Се сретнавме со деканот на ФИНКИ и Министерството веќе бара опции со кои би им помогнале на студентите да имаат нормални услови за настава. Значи во преговори сме“,

рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање по настанот „Разговори за еднаквост“ што го организира Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

Просторниот проблем на ФИНКИ не е нов. Но, по подолго време, во март годинава беше одново актуализиран кога студентите од најмногубројниот државен факултет во земјава излегоа на два последователни протеста барајќи од надлежните решение и соодветен објект во кој ќе може да ја следат наставата.

Додека студентите здружено „бараа зграда од Влада“, тогашниот министер за образование и наука Јетон Шаќири во изјава за медиумите кажа дека барал средства за доизградба на започнатите објекти на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура, но тие не биле одобрени.

Дека во годинашниот буџет не се одобрени средства за доизградба на објектот на ФИНКИ, како и на зградата на Факултетот за спорт, во одговор на прашања на „360 степени“ посочи и деканот на ФИНКИ, Боро Јакимовски.

Објектите на ФИНКИ и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје се во изградба од крајот на 2015 година. Тендерот за нивна изградба, тежок речиси 20 милиони евра, го доби штипски „Бетон“. Активно се градеше до 2019 година, кога во стечај замина изведувачот „Бетон – Штип“. Оттогаш градежните активности на терен, за кои до тој момент се потрошија околу 3,3 милиони евра, се стопирани. 

Факултетот за информатички науки и информатичко инженерство е најмладиот, но и најмногуброен факултет на државниот Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Скопје, но и на другите универзитети во земјава. Во академската 2022/2023 година, според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), на ФИНКИ во сите четири години се запишале 4 468 студенти, од кои 1 141 во прва година.

Уште од самото основање на факултетот во 2011 година, студентите на ФИНКИ следат настава во повеќе објекти при технолошко-техничкиот кампус при УКИМ и немаат сопствени простории.

- Реклама -