Јаневска: Идејата е да ја запреме Концепцијата за седмо, осмо и деветто одделение – учениците од седмо ќе учат од старите учебници

„Единствен вистински проблем кој останува, за кој како министер немам вина, а не можам ни со волшебно стапче ништо да сторам, се учебниците по странски јазици, кои веќе долги години нема. За гимназиското ќе има, за средно стручното делумно ќе има. За основното образование се надевам дека со закаснување ќе обезбедиме. Но, на 1 септември 2025 година учениците ќе има се комплет“, вели министерката за образование

Би сакала да повторам и потврдам дека учебници ќе има за сите ученици од прво до деветто одделение на 1 септември, со исклучок на неколку предмети за кои претходното раководство во Министерството не обезбедило и можеби ќе доцниме со нивната изработка.

Ова вечерва во Дневникот на ТВ Сител го изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска, посочувајќи дека за седмо одделение не може да има учебници по новата програма, односно учебникот по Историја и географија за седмо одделение, како што рече, очекуваат брзо да го подготват, прво во дигитална форма, а се надева дека до септември ќе биде и испечатен.

„За средно гимназиско, со многу стара програма, за жал, но сега тоа не можеме да го правиме, ќе има учебници. Правиме напор да се испечат најмалку 120-130 книги за средно стручно образование, кое се надеваме дека ќе ги има на 1 септември. Единствен вистински проблем кој останува, за кој како министер немам вина, а не можам ни со волшебно стапче ништо да сторам, се учебниците по странски јазици, кои веќе долги години ги нема. За гимназиското ќе има, за средно стручното делумно ќе има. За основното образование се надевам дека со закаснување ќе обезбедиме. Но, на 1 септември 2025 година учениците ќе имаат се комплет“,

рече таа.

Посочи докази дека има учебници кои не се пуштени во печат, а некои не се ни подготвени, ниту одобрени, а поради тоа има интензивни разговори со Бирото за развој на образованито, кои, како што најави утре ќе бидат дефинирани.

„Оваа година за седмо одделение да биде преодна година, во која ќе го дефинираме решението, односно идејата е да ја запреме Концепцијата за седмо, осмо и деветто одделение, со тоа што учениците од седмо одделение, ќе работат по старата програма и ќе учат од старите учебници“,

вели Јаневска.

Според неа, ќе се направи анализа колку примероци на учебници дополнително треба да се испечатат.

Во минатото, како што рече, се одобрувале и се печателе учебници за кои имало и негативно мислење од рецензентските комисии и Бирото за развој на образованието и како што рече, ова се елементи кои треба да се истражат и да се лоцира одговорност.

Јаневска најави и повисоки плати за наставниците и нов електронски дневник.

„Пред неколку дена заврши проектот за изготвување нов електронски дневник. Бев присутна на завршната презентација. Разбрав дека истиот има добра заштита, за да не може да се бришат оценки и изостаноци. Но, ние спроведуваме анкета меѓу наставниците дали сакаат само електронски или и хартиен дневник. Анкетата е во тек, Како ќе се изјаснат така и ќе постапиме. Но, мое мислење е дека сепак, треба да има и некоја скратена, печатена форма на дневник за евиденција“,

рече таа.

За новоизбраната министерка за образование и наука Весна Јаневска, во Концепцијата за основно образование „најпроблематична е интеграцијата на предметите“ што, како што вели, не било прифатено ни од стручната фела, ниту од наставниците практичари. Ова е дел од одговорот на Јаневска, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, за најавениот процес на ревизија на Концепцијата за основно образование донесена во март 2021 година, период кога министерка беше Мила Царовска.

- Реклама -