„Институциите веднаш да реагираат и да ги проверат изнесените информации дека Еуроникел користи отпадно масло како мазут“, побара градоначалникот на општина Кавадарци – Митко Јанчев, по прилогот на Истражувачката репортерска мрежа Македонија (ИРЛ), според кој поранешната „Фени“, сега „Еуроникел индустри“ од Кавадарци, била најголем потрошувач на огромните увезени количини опасно отпадно масло кое е забрането во ЕУ, а било декларирано како мазут.
„Не смееме како градоначалник и општина да дозволиме интересот на бизнисот да биде пред здравјето на граѓаните. Со увоз на отпадно гориво кое е забрането во Европска унија, а кај нас се увезува како мазут и се употребува знаејќи дека тоа има смртоносни последици, некој мора да сноси одговорност“, порача Јанчев.
Тој ги повика надлежните државни институции, како даватели на интегрираната еколошка А дозвола, Царинската управа и Инспекторатот за животна средина, да ги истражат изнесените информации и да постапат доследно своите надлежности.
„Доколку надлежните институции не се вклучат, тогаш јас како градоначалник ќе ги превземам сите правни дејствија. Не верувам дека институциите на оваа тема ќе бидат неми“, истакна Јанчев.
Кочо Анѓушев – генералниот директор на „Брако“ Велес, која исто така е посочена како уште една голема компанија која го користела ова масло, како тенденциозни и невистинити ги отфрли наводите изнесени во истражувачкиот прилог на ИРЛ кој беше емитуван на „МРТ1“. Во соопштението, компанијата посочува дека правниот тим на „Брако“ ќе поднесе тужба против ИРЛ и уредничката Сашка Цветковска.
„Ниту г. Кочо Анѓушев ниту ‘Брако’ Велес се поврзани со увоз на некакви токсични масла или мазут, ниту пак ‘Брако’ Велес е голем потрошувач на мазут во Македонија. Вистината е дека ‘Брако’ Велес никогаш не увезол мазут, а минималните количини што ги троши за работа на погонот за цинкарата се набавуваат на пазарот во Македонија од увозници кои се занимаваат со таа дејност. Како илустрација на тоа дека ‘Брако’ учествува во потрошувачката на мазут во државата со промили, треба да се знае податокот дека ‘Брако’ Велес годишно троши околу 100 тони мазут, а вкупната годишна потрошувачка на мазут во РС Македонија, како што е наведено и во емисијата, е околу 30.000 тони. Впрочем и од вкупните годишни набавки на мазут кои се одвиваат преку секторот за набавки на ‘Брако’, само 15 отсто од потребите се од добавувачот наведен во емисијата – ‘Евротим’. А според Правилникот за течни горива, надлежен за контрола на составот и квалитетот на увезениот мазут во РС Македонија е Пазарниот инспекторат, што значи дека, штом предметниот мазут бил дозволен и пуштен во промет од надлежни органи, ‘Брако’ нема сопствена лабораторија за да го проверува квалитетот“, се вели во соопштението на компанијата, од каде исто така посочуваат и дека со завршувањето на новата инвестиција во погонот за поцинкување, од следниот месец „Брако“ целосно ќе го исфрли мазутот од употреба како енергенс.
„Новинарката Сашка Цветковска ова сето можеше да го дознае и да го изнесе во емисијата, доколку имаше желба. Контактот со неа беше веднаш воспоставен по телефонскиот повик кој беше емитуван во емисијата, но и по 3 месеци од поканата да дојде во просториите на Брако и да се информира или да сними изјава од официјален претставник, таа не најде за потребно да сними или да испрати прашање, но напротив, си даде за право да прави крајно непрофесионални и тенденцизни шпекулации и со тоа да ѝ нанесува штета на една од поуспешните македонски компании“, се вели во соопштението.
Според прилогот на ИРЛ, и „Еуроникел“ и „Брако“ „босанскиот“ мазут, односно мазутот на „Хифа Оил“, почнале да го користат по средба во Владата меѓу тогаш вицепремиерот Кочо Анѓушев и претставници на босанската и домашната фирма вклучени во набавката. Од „Брако“ го адресираат и демантираат и овој навод.
„Што се однесува до наводната конспиративна средба во Владата на РСМ, Кочо Анѓушев потврдува дека навистина е остварена средба со г. Изудин Ахметовиќ, но и според официјалните документи достапни во архивата на Владата, на таа средба г. Ахметовиќ доаѓал како претставник на коморското здружение ‘Бизнис центар’ Тешањ – Јелавиќ од БиХ.
На средбата е дискутирано исклучиво за поканата кон македонската влада за учество на саем и бизнис-форум и во ниту еден момент на таа средба не е спомнат мазут или која било друга тема. Во времето додека беше потпретседател на Владата за економски прашања, г. Кочо Анѓушев има остварено преку 4.000 официјални средби“, велат од компанијата.
Во меѓувреме, Цветковска и тимот на ИРЛ добија целосна поддршка од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).
„Периодот на закани со тжби требаше да е зад нас, особено од моќни бизнисмени и функционери кои мора да имаат повисок праг на толеранција кон издржаните критики. Стоиме зад новинарите, со правна и друга помош за било кој предизвик.
Честитки за редакцијата на IRL за првата емисија, во професионалноста и храброста за подигање на стандардите во новинарството“, порача претседателот на ЗНМ – новинарот Младен Чадиковски.
Тимот на ИРЛ е подготвен за сите предизвици – посочи, пак, Цветковска.