Веќе десетина дена на ексминистерот Миле Јанакиески му е укинат притворот за случајот „Титаник“, заедно со забраната да комуницира со сведоците и останатите обвинети во случајот, соопштил самиот Јанакиески на денешното рочиште за случајот, одговарајќи на прашањето на судијата Осман Шабани за тоа какви мерки и за кои предмети има.
Како што објаснува неговиот адвокат за „1ТВ“, ваквата одлука на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 се должи на тоа што Јанакиески не може да има две паралелни мерки притвор – во домашен притвор веќе е поради истрагата за „27 април“. Покрај активниот куќен притвор, за истиот случај Јанакиески има и забрана да контактира со останатите осомничени, што значи дека не смее да комуницира со Никола Груевски, како ни со сопратијците Спиро Ристовски, Трајко Вељаноски и Никола Бошковски.