На дното на Јадранско море присуството на пластика, односно пластичен отпад, е меѓу најголемите во Европа, зад североисточниот дел на Средоземното и Келтското море.
Отпадот во Јадранот доаѓа од околу четири милиони луѓе кои живеат долж неговото крајбрежје, а таа бројка за време на туристичката сезона се зголемува за речиси 6 пати, предупреди меѓународен експертски тим во студија објавена во „Marine Pollution Bulletin“.
Како што се наведува во извештајот, посебен проблем со Јадранското море е тоа што се работи за прилично мало, плитко и полузатворено море, кое со Јонското/Средоземното – кое исто така е полузатворено и загадено, е поврзано со Отрантската врата – проток кој е широк само околу 80 километри (во најтесниот дел е само 72 километри).
Во јужните хрватски води, најголемиот дел од пластичниот отпад – околу 90%, доаѓа носен од морските струи и ветровите најмногу од Албанија.
Според Перо Тутман од Институтот за океанографија и рибарство во Сплит (IZOR), 70 до 80% од отпадот во морето доаѓа од копно, додека останатиот дел се должи на активностите во морето – транспорт, туристички активности, наутички туризам, рибарство и офшор платформи.
„Медитеранот, за жал, е едно од најзагадените мориња бидејќи е полузатворен базен, а околу него гравитираат низа земји на различно цивилизациско ниво. Тука има бројни земји од Азија, Африка и Европа, а за жал еколошката свест и однесувањето не е секаде на највисоко ниво“, вели тој.
Чисто за потсетување, периодот на разградување на пластиката во морето е околу 450 години. Алуминиумските конзерви траат од 200-500 години, дрвото до 13 години, хартијата од 2 до 4 недели.