Ја утнавме работата со лабораториските глувци

dnews--1522--should-we-trust-studies-on-mice--large.thumb[1]

Да се дизајнира научен експеримент не е лесна работа. Со цел да се докаже или побие некоја хипотеза, прво мораш да ги елиминираш или да ги земеш во предвид сите можни влијанија на што е можно повеќе варијабили. Но, за да го направиш ова, прво мораш да сфатиш дека такви варијабили постојат, и тоа ги има многу повеќе отколку што претпоставуваш.

Една студија објавена вчера во журналот Trends in Cancer, алудира на тоа дека биомедицинските научници направиле огромен превид при една од тие варијабили и дека е можно да направиле попара од секој еден експеримент направен на експериментални глувци.

Имено, научниците зад студијата истакнуваат дека температурата на стандардните лаборатории, која е удобна за луѓето, за глувците е прениска и им студи, а тоа може да ги афектира резултатите од досегашните истражувања во биомедицината.

Кој работи и греши, ама оваа грешка е огромна. Лабораториските глувци и стаорци се субјекти во повеќе од 100.000 истражувања и експерименти годишно, а во бројкава се сметаат само тие што се објавени. И покрај тоа, за разлика од кучињата, мачките, зајаците или шимпанзата, глувците и стаорците не се заштитени под актот од 1966 година (Animal Welfare Act), кој регулира како овие лабораториски животни треба да се третираат. Овој недостаток на заштита значи и нешто друго: дека ова поле е релативно малку истражено и помалку регулирано.

Ова е лоша ситуација за глувците, ама уште повеќе за луѓето. На моделот на глувците генерално се гледа како на прилично добар индикатор за тоа како одреден лек или медицинска појава би можела да влијае на луѓето. Па, ако тестовите на „оладените“ глувци се покажат различни од тие спроведени на глувци на удобна температура (а тоа го тврдат двајцата имунолози зад студијава), тогаш милиони студии на лекови и болести можат да бидат афектирани.

body_30[1]

Денес, лабораториските експерименти врз глувци се одвиваат на просечни температури од 20 и 26 Целзиусови степени. Научниците во лабораториите носат слоеви и слоеви од заштитна опрема, вклучувајќи мантили, ракавици и маски, па повисока температура би можела да предизвика прегревање на нивните тела. Згора на тоа, термостатот наместен на пониска температура го намалува и интензитетот на мирисите.

АМА… Идеалната температура за глувците во просек изнесува помеѓу 30 и 32 степени Целзиусови. Собна температура од 21 степен кај глувците предизвикува да се тресат, што пак ја искористува нивната енергија и го афектира нивниот метаболизам, крвотокот и фреквенцијата на отчукувања на срцето. Кога се сетиле на ова, имунолозите Бони Хиландер и Елизабет Репаски решиле да ја разгледаат поврзаноста помеѓу температурата на глувците и резултатите од студиите. Во 2013 година, најдоа дека „ладен“ глушец има помала способност да избегне тумори отколку глушецот што е „добро загреан“. Ова е откритие што повлекува големи импликации во истражувањата на канцерот и лековите за канцер.

Сепак, овие откритија беа само почеток. Хиландер и Репаски прочешлале голем куп научна литература, трагајќи по студии слични на нивната. Нашле такви: научници што ги истражувале гојазноста, запаленијата, артериосклерозата и многу други болести, исто така имале пријавено дека тоа да се држат глувците на ладно водело до „значајни разлики во резултатите на експериментите“.

„Повеќето луѓе единствено ги земаат во предвид експериментите направени на стандардни лабораториски температури. По сé изгледа, тие не се свесни дека ако ги повторите експериментите со глувци на поинаква температура, можно е да добиете поинаков исход“, рече Хиландер во изјавата за медиумите.

За жал, не постои инстант решение за овој проблем. „Глувците сакаат различна температура во различни делови од денот“, вели Бријана Гаскил – експерт за здравје на животните. „Не постои начин луѓето да одредат единечна, совршена температура за глувците“. А работата ја отежнува и гореспоменатиот факт што температурата идеална за глувците воопшто не би била идеална за научниците.

Ама целта на Хиландер и Репаски не е просто да се појачаат термостатите во лабораториите. Една од можностите е истражувачите да експериментираат со затоплени глувци кои претходно ќе бидат чувани во инкубатор, или да им овозможат повеќе материјали за да си изградат легло (што би ги стоплило). Сепак, што и да е методот, главното е научниците во иднина да ги земаат во предвид ефектите на температурата, и во дизајнирањето на идните експерименти, и во анализата на резулатите.

- Реклама -