Източната ни съседка најмногу одвојува за воениот буџет меѓу земјите на НАТО, веднаш зад САД

Со набавката на осумте нови американски ловци од моделот Ф-16, Бугарија се искачи директно на второто место во НАТО алијансата по делот од БДП-то што го одвојува за воениот буџет. Повеќе од Бугарија, во 2019-та, меѓу сите 29 членки на Алијансата, за одбрана одвојуваат само САД, со 3.42% од националниот БДП.

Ваква сума Бугарија нема одделено за воениот буџет во изминативе 16 години. Како што пренесува бугарската национална ТВ „БНТ“, во пракса буџетот на бугарското Министерство за одбрана во 2019-та изнесува 3.51 милијарди бугарски лева (околу 1.79 милијарда евра), од кои 1.3 милијарда бугарски лева (околу 664.5 милиони евра) се „класичен“ буџет, а 2.2 милијарди лева (околу 1.125 милијарда евра) се потрошени на американските ловци. Со ова, Бугарија на воениот буџет потрошила 2.6% од националниот БДП.

Со набавката на американските ловци Бугарија се лансираше во самиот врв и во една друга статистика меѓу земјите членки на НАТО. Со 2.2 милијарди лева за новите Ф-16 авиони, Бугарија потрошила дури 60% од буџетот за одбрана на ново вооружување. Според овој показател, Бугарија се искачува на првото место меѓу земјите во НАТО.

Зад Бугарија, годинава најголем дел од својот БДП за воениот буџет одвоиле Грција, Велика Британија, Естонија, Романија, Полска, Латвија итн.

За потсетување, на самитот на НАТО во Велс во 2014-та година, генералниот секретар на Алијансата – Јенс Столтенберг, ја повика Бугарија да ги зголеми своите трошоци за одбрана.

- Реклама -