Израелскиот министер за одбрана побара од Нетанјаху да склучи примирје со Хамас за да се ослободат преостанатите заробеници

Барањето на Јоав Галант доаѓа откако утринава израелската војска соопшти дека пронашла тела на шест израелски заробеници, кои беа киднапирани од членови на Хамас во нападот на седми октомври минатата година

Министерот за одбрана на Израел, Јоав Галант, побара од Советот за национална безбедност веднаш да се состане и да ја повлече одлуката за задржување на војниците од израелската армија во коридорот „Филаделфија“ вдолж границата со Појасот Газа, но и го повика премиерот Бенјамин Нетанјаху да склучи договор за прекин на огнот со милитантската група Хамас со цел ослободување на заложниците кои сѐ уште се држат во заробеништво во Појасот Газа.

Барањето на Галант доаѓа откако израелската армија утринава соопшти дека во тунел во областа Рафах во јужниот дел на Појасот Газа биле пронајдени телата на шест израелски заробеници.

„Доцна е за киднапираните кои беа ладнокрвно убиени. Киднапираните кои остануваат заробени на Хамас мора да бидат вратени дома“,

рече Галант.

Според воениот портпарол Даниел Хагари, тие биле убиени од киднаперите непосредно пред да бидат пронајдени нивните тела.

„Според нашата првична проценка, тие беа брутално убиени од терористите на Хамас кратко време пред да стигнеме до нив“,

вели Хагари.

Израелските безбедносни сили велат дека ги користат сите средства за што побрзо да ги вратат дома сите заложници.

Нетанјаху засега останува на ставот дека израелската армија треба да остане присутна во коридорот близу границата со Појасот Газа оти на тој начин може да го спречат Хамас да шверцува оружје од границата со Египет. Токму несогласувањето околу ова прашање е камен на сопнување во разговорите за примирје кои се водат со посредство на Египет и Катар.

Министерот Галант досега неколкупати влегуваше во отворен конфликт со премиерот Нетанјаху околу потребата да се постигне договор за прекин на борбите во Газа и враќање на преостанатите израелски заложници во замена за палестинските затвореници кои ги држеше Израел.

Се верува дека една третина од околу стотината израелски заложници кои сè уште се во Газа, веќе не се живи, а судбината на преостанатите е непозната.

- Реклама -