Информацијата за убиството на командантот во онлајн изјава ја соопштил портпарол на израелската војска, но засега како што наведуваат западни медиуми таа не може да биде потврдена од независни извори. За убиството на Хусеини потврда засега нема ниту од Хезболах
Израелската војска утрово соопшти дека убила уште еден командант на Хезболах во напад што нејзините сили го извршиле вчера вечер во главниот град на Либан, Бејрут, јавуваат светските медиуми.
Според тврдењата на израелските одбранбени сили, во нападот наводно е ликвидиран Сухаил Хусеин Хусеини, кој, како што наведува Би-би-си, играл клучна улога во транспортот на оружје меѓу Иран и Хезболах и негова дистрибуција меѓу единиците на милитантната организација.
Информацијата за убиството на командантот во онлајн изјава ја соопштил портпарол на израелската војска, но засега како што наведуваат и Би-би-си и „Гардијан“ таа не може да биде потврдена од независни извори. За убиството на Хусеини потврда засега нема ниту од Хезболах.
Инаку, според британските медиуми, синоќа во главниот град на Либан одекнале повеќе експлозии, а тамошните медиуми објавиле дека имало најмалку 10 воздушни напади врз јужното предградие на Бејрут, Дахије, кое се смета за упориште на Хезболах.
Израелските сили во воени акции во Либан досега ликвидираа повеќемина команданти на шиитската милитантна група, поддржана од Иран, како и лидерот на организацијата, Хасан Насралах.
Синоќа, сирените за предупредување од ракетен напад се огласиле и во северниот дел на Израел, а неколку градови биле прогласени за затворени воени зони. Хезболах претходно соопшти дека ги гаѓал предградијата на Тел Авив со ракети, а според израелските власти доцна вчера биле истрелани 190 проектили.
Во меѓувреме, не се намалуваат тензиите меѓу Израел и Иран. Техеран го предупреди Израел дека на секој напад врз инфраструктурата на Иран ќе биде одговорено со одмазда Ова, како што известува Ројтерс, утрово го изјавил министерот за надворешни работи на Иран, Абас Аракчи.
Вчера вечер, иранската новинска агенција Тасним објавила дека војската на Иран подготвила најмалку десет сценарија во очекување на напад од страна на Израел.
„Одговорот на Иран нема да биде нужно реципрочен на исто ниво на акцијата на Израелците, но може да биде поостар и да има за цел различни цели што би ја интензивирале ефективноста на одговорот“,
изјавил воен извор цитиран од агенцијата.
За потсетување на 1 октомври, Иран го изврши својот втор директен напад врз Израел оваа година, а повод беше убиството на лидерот на Хезболах, Хасан Насралах. Во нападот лесно беа ранети двајца Израелци, а еден Палестинец беше убиен од паднати остатоци од проектил на Западниот Брег, кој е под окупација од Израел.
Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА), Вилијам Барнс синоќа изјави дека според нивните проценки ниту Израел, ниту Иран сакаат сеопфатен конфликт, но ризикот тоа да се случи постои.
„Се соочуваме со многу реална опасност од натамошна регионална ескалација на конфликтот“,
рече директорот на ЦИА на прес-конференција во американската сојузна држава Џорџија, пренесува „Гардијан“.
Според Брнс, споделувањето на разузнавачките информации меѓу САД и Израел помогна да се осуети иранскиот ракетен напад на 1 октомври, кој, како што кажа, открил некои слабости во воените капацитети на Техеран. Сепак, како што додава тој, тоа не значи дека Иран не е моќен и оти тоа е нешто што не само Израел, туку и САД треба да го сфатат многу сериозно.
За конфликтот во Газа, Барнс рече дека неколку пати биле блиску до постигнување договор за заложниците и прекин на огнот, но тоа постојано излегувало од контрола.
Шефот на ЦИА вели дека мора да се направат тешки избори и компромиси во интерес на долгорочна стратешка стабилност.