Израелската војска и Хамас се договорија за паузи во борбите поради вакцинација против детска парализа

Според високиот претставник на СЗО за овој регион вакцинацијата ќе почне во централна Газа, а потоа ќе продолжи во јужниот и во северниот дел на Појасот. Во секој од овие делови за време на процесот на имунизација ќе има тродневни паузи во борбите

Израелската војска и палестинската милитантна група Хамас се договорија за три тродневни паузи во борбите во Појасот Газа, за да можат околу 640 илјади деца да добијат вакцини против детска парализа, изјави високиот функционер на Светската здравствена организација (СЗО) за овој регион, Рик Пеперкорн. 

Внатрешно раселени деца во Појасот Газа / Фото: EPA-EFE/HAITHAM IMAD (Архива)

Вакцинацијата, како што изјавил Пеперкорн, треба да почне во недела, а паузите во борбите меѓу двете завојувани страни во Газа ќе се спроведуваат по зони.  

Според високиот претставник на СЗО вакцинацијата ќе почне во централна Газа, а потоа ќе продолжи во јужниот и во северниот дел на Појасот. Во секој од овие региони за време на процесот на вакцинација ќе има тродневни паузи во борбите, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ). 

Според Пеперкорн, има договор доколку е потребно хуманитарната пауза во секоја од зоните да биде продолжена за уште еден ден.  

Светската здравствена организација на 23 август потврди дека најмалку едно бебе било парализирано од вирусот на полио тип 2, што е прв ваков случај на оваа територија во последните 25 години. 

Хуманитарната единица на израелската армија во средата објави дека вакцинирањето ќе се врши во координација со нив „како дел од рутинските хуманитарни паузи кои ќе му овозможат на населението да стигне до здравствените центри каде што ќе се врши вакцинација“. 

Агенциите на Обединетите нации кон средината на јули објавија дека присуството на овој вирус е потврдено во примероците собрани на 23 јуни. 

Инаку, станува збор за многу заразна болест која може да се пренесе со пиење загадена вода или со орален контакт. Може да предизвика парализа, а во екстремни случаи и смрт. 

- Реклама -