Во соопштението на израелската армија се наведува дека Набил Каук бил убиен ноќта помеѓу 28 и 29 септември во воздушен напад врз предградието Дахија во Бејрут, познато упориште на милитантната група Хезболах
Израелската армија објави дека денеска бил убиен уште еден висок функционер на Хезболах, Набил Каук, кој во Либан се сметаше за еден од можните наследници на убиениот лидер на Хезболах, Хасан Насралах.
Во соопштението на израелската армија се наведува дека Каук бил убиен ноќта помеѓу 28 и 29 септември во воздушен напад врз предградието Дахија во Бејрут, познато упориште на Хезболах.
Израелските одбранбени сили додаваат дека тој бил командант на „превентивната безбедносна единица“ на Хезболах и висок член на централниот совет на либанската милитантна организација. Тврдат дека бил близок до раководството на Хезболах и дека бил „директно вклучен во извршување на терористички напади против државата Израел и нејзините граѓани, вклучително и оние од изминатите денови“.
Според наводите, Каук му се придружил на Хезболах во 80-ите години и бил заменик-лидер, а подоцна и водач на огранокот на групата во јужен Либан.
Информацијата за неговото убиство следува откако во израелски напади вчера беше убиен водачот на либанската милитантна група Хезболах, Хасан Насралах. Засега не е познат неговиот наследник.