Израел им го укина дипломатскиот статус на норвешки дипломати

Норвешкиот амбасадор во четвртокот беше повикан во Министерството за надворешни работи во Ерусалим каде што му беше соопштено дека на дипломатите кои се во Тел Авив ќе им биде одземена акредитацијата за седум дена, а визите ќе им бидат укинати за три месеци

Израел им го укина дипломатскиот статус на осум норвешки дипломати кои работеа на окупираната палестинска територија.

„Има цена за антиизраелското однесување“,

рече во четвртокот израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац, наведувајќи го признавањето на палестинската државност од страна на Норвешка и нејзината поддршка за случајот на Меѓународниот кривичен суд (МКС) кој ги обвинува израелските лидери за наводни воени злосторства и злосторства против човештвото, како причинa за овој потег на израелските власти.

Норвешкиот амбасадор во четвртокот беше повикан во Министерството за надворешни работи во Ерусалим каде што му беше соопштено дека на дипломатите кои се во Тел Авив ќе им биде одземена акредитацијата за седум дена, а визите ќе им бидат укинати за три месеци.

„Ова е екстремен чин кој првенствено влијае на нашата способност да му помогнеме на палестинското население“,

рече норвешкиот министер за надворешни работи Еспен Барт Еиде, предупредувајќи дека одлуката ќе има „последици“ врз односите со израелската влада.

Норвешка сè уште размислува за одговор на ситуацијата.

Израелското Министерство за надворешни работи во четвртокот издаде соопштение во кое се цитираат „сериозни изјави на високи норвешки функционери“ кои се оценети како антиизраелски.

Одговорност за воени злосторства

Во официјалната белешка доставена до норвешката амбасада во Тел Авив, израеллското МНР, исто така, го обвини Осло за „еднострани политики и изјави“ по нападот на 7 октомври предводен од Хамас во јужен Израел, кој ѝ претходеше на израелската офанзива во Појасот Газа.

Шпанија, Ирска и Норвешка ја објавија својата одлука да ја признаат палестинската држава уште во мај, предизвикувајќи остри критики од Израел, чии лидери постојано зборуваа против палестинската државност.

Израел жестоко реагираше, обвинувајќи ги сите три европски земји за „наградување на тероризмот“ и веднаш ги повлече своите амбасадори од Ирска, Норвешка и Шпанија. Израел, исто така, му нареди на шпанскиот конзулат во Ерусалим да престане да дава конзуларни услуги за Палестинците од 1 јуни, за што Кац во тоа време рече дека е „кривична“ мерка.

Во мај, главниот обвинител на МКС, Карим Кан, поднесе барање за апсење на највисоките израелски и лидери на Хамас за наводни воени злосторства. Кан објави дека неговата канцеларија има „разумна основа“ да верува дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант сносат „кривична одговорност“ за „воени злосторства и злосторства против човештвото“.

- Реклама -