Изненадување на Максимир – минимална посетеност на мечот против Порто

Навивачите на Динамо Загреб го прославуваа триумфот во квалификациите над Марибор, којшто значеше дека хрватскиот тим втора година по ред ќе биде дел од Лигата на шампионите. Токму затоа, огромно беше изненадувањето кај хрватската спортска јавност откако синоќа дуелот меѓу Динамо и Порто на „Максимир“ го следеа вкупно 4.683 гледачи.

Челниците на Динамо Загреб на еден ден пред натпреварот тврдеа дека се презадоволни од тоа како се одвива продажбата на блок-билетите за Лигата на шампионите, но сега веќе е очигледно дека станувало збор за обичен блеф со кој што „Модрите“ се обиделе да убедат уште дел од навивачите да присуствуваат на дуелот со Порто.

Очигледно е дека во Хрватска веќе се научени на вакви потези од страна на Здравко Мамиќ, па дуелот на „Максимир“ сега важи за рекорд по најслаба посетеност на еден натпревар од Лигата на шампионите. Пред празни трибини и без неопходната поддршка, фудбалерите на Динамо одиграа под своите можности и сосема заслужено беа поразени од Порто со 0:2.

- Реклама -