Наместо да ги носат во старечки домови, граѓаните набргу ќе имаат можност за своите стари и изнемоштени родители, да користат услуги од специјални компании или граѓански организации, кои за негата на старите лица ќе наплаќаат по 240 денари, но од државата. Решенија за користење на оваа услуга ќе издаваат центрите за социјална работа, а граѓаните неа ќе имаат право да ја користат 80 часа месечно.
Ова е предвидено и со новиот Закон за социјална нзаштита.
Истражувањата на Министерството за труд и социјала покажале дека повозрасните лица и лицата кои не можат сами да се грижат за себе е подобро секојдневно да добиваат неколку часа помош и нега во нивниот дом, каде се чувствуваат најпријатно и да продолжат да живеат во својата заедница, отколку да бидат згрижени во институција. Во домашни услови полесно се поднесува староста и состојбите предизвикани со болестите доколку за основните потреби добиваат помош и нега од обучени негователи.
Услуга „помош и нега во домот“ е воведена со новиот Закон за социјална заштита, со која се обезбедува поддршка на лица со намален функционален капацитет, како и лицата со најтешка и комбинирана попреченост, потполно слепи лица и хронично болни стари лица, во домашни услови. Граѓаните ќе можат да користат помош во домот до 80 часа месечно.
„Концептот е да се прошири можноста за давање социјални услуги и да се промени начинот на финансирање на истите. Државата ќе плаќа по 240 денари за секој час помош од лиценцирани компании и граѓански организации. Секој Центар за социјална работа ќе издава решенија за користење на услугата а граѓаните на кои услугата им е потребна самостојно ќе одберат давател на услугата“, објасни дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ за „Ал Цезира Балканс“.
Новиот сервис е дел од социјалната реформа на која Министерството за труд и социјална политика работеше во изминатиот две и пол годишен период. На огласот за изразување интерес за развој на социјални услуги се јавија 65 општини, од кои 56 пројавија интерес токму за услугата помош во домот. Во моментов тече подготовката на предлог проекти од општините за реализирањето на услугата, а рокот за доставување до Министерството за труд и социјална заштита за финансирање е 30 април.
Faktor.mk