Илјадници години, луѓето прават вино во три бои – црвена, бела и розе. Веќе не. Неколку шпански компании научија како да прават вино речиси во било која боја, и тоа природно. Сакате сино, зелено или розево, сеедно.
Почна лани, кога стартап компанијата Gïk го претстави првото сино вино на светот. Откритието е резултат на двегодишна работа со научниците од Универзитетот на Баскија и технолошкиот центар Azti Tecnalia, кои открија како да користат антоцијанин – природен пигмент во лушпата на грозјето, за да ја манипулираат бојата на виното. Комерцијалниот успех дојде набрзо, а веќе во јануари компанијата се пофали дека продала над 100.000 шишиња (за само 6 месеци). Сега, меѓутоа, им се придружува и конкуренцијата, и никнуваат секакви видови необично обоени вина.
На пример, Bodega Santa Margarita продава разни нијанси на сини вина, како и зелени, портокалови и розеви, сите дел од „Passion“ линијата. Веќе се продаваат и низ Европа, во Холандија и Британија. Passion Blue-то го прават токму со антоцијанин, но не е јасно како ги прават портокаловите и розевите. Веројатно се работи за комбинација од различни вина и пигмент од лушпа на грозје како додаток. Едно е сигурно, целосно се природни.
Bodegas y Viñedos Amaya е друга компанија со своја колекција од вино во боја. Ги нарекува Tecnovinos, бидејќи се добиени со „мешање на традиција и иновација“. Досега имаат светло-црвени, зелени и жолти вина.
Виното во боја се продава како алва, вели еден дански увозник на вина – Винсент Јансен. Вели дека им било потребно некое време да се навикнат на идејата, но се чини дека бојата има вистинска вредност за потрошувачите. Виното и онака си е добро, ама вака има и интересен изглед, заклучува Јансен.
Сите овие винопроизводители се потпираат на еден клучен аспект – љубопитноста на потрошувачите. Преку неа сакаат да стигнат до нова потрошувачка база, а паралелно и да ја сменат перцепцијата на виното.
Но, законодавачите баш и не се расположени за „игри“ и промени. Како што велат од стартап-от Gïk, порано годинава шпанските власти им забраниле да го продаваат своето сино вино под категорија „вино“, бидејќи е во „погрешна боја“. Категорија за сино вино не постои (бидејќи нема историска подлога), па иако се работи за 100% вино, Gïk мораат да го продаваат под категорија „други алкохолни пијалоци“, „како да е сираче“. Има уште еден апсурд; за да влезе во таа категорија, виното не може да е 100% вино. Па Gïk го сменија составот во 99% вино и 1% грозје, за да го адаптираат на легислативата.
Како и да го викаме, тешко дека шарената револуција на виното ќе запре. Луѓето природно ги привлекува тоа што е необично (макар вината изгледале и како енергетски пијалоци), а и не се потресуваат нешто посебно околу законски категории.