Бетонот е обично добар избор за тротоари, но во суштина е кршлив материјал. Тоа значи дека мора да биде истурен густ и дебел слој за да се спречи пукање на овие тротоари под притисок. Од друга страна, научниците од Технолошкиот универзитет во Нанјанг, Сингапур, развиваат алтернатива – нова генерација на свитлив бетон, за кој велат дека може да се нанесе во релативно тенки и лесни слоеви.
Обично бетонот се прави од микс од цемент, чакал, песок и вода. Новиот материјал, наречен ConFlexPave, дополнително содржи и полимерни микрофибери. Овие се потенки и од човечко влакно, а служат за да го распределат товарот/притисокот врз целата плоча, наместо да остане фокусиран на една точка.
Како резултат на тоа, ConFlexPave е наводно „цврст како метал, и најмалку двапати поотпорен на свиткување од традиционалниот бетон“. Како дополнителен бенефит, микрофиберите исто така го намалуваат пролизгувањето на гумите.
Замислата на научниците е дека плочите од новиот бетон ќе бидат произведувани во фабрика, предвреме, а потоа така готови ќе се носат и поставуваат на саканата локација. Тоа не само што ќе подразбира помала потреба од работна сила отколку при поставувањето на традиционален бетон, туку и ќе се изведува за двојно пократко време. Кога евентуално ќе настане штета, индивидуалните плочи ќе можат да бидат едноставно извадени и заменети – како што и сега е случај со кршливите бетонски столбови.
Сега засега, ConFlexPave е тестиран само во лабораторија, со парчиња големи колку таблет. Сепак, во тек се планови да се инсталираат плочи околу универзитетскиот кампус, на период од три години, и да се види како ќе се однесуваат и колку ќе се отпорни на пешачкиот сообраќај и на возилата.