Изложбата во Куманово за НОБ 1941-1944

Кумановци вечерва ќе имаат можност да ја проследат

По повод Денот на ослободувањето на Куманово, Националната установа Музеј, вечерва ќе ја отвори изложбата „Народноослободителна борба во Куманово 1941-1944“ .

– Народноослободителна борба во Куманово (1941-1944) година е историско-документарно сведоштво за клучните настани кои се случиле во Народноослободителнота борба на македонскиот народ во текот на Втората светска војна. Изложбата опфаќа дванаесет програмски цели на кои се прикажани базирани историски факти, примарни историски извори и фотографии, изјави авторката, кустос-советник историчар Марија Живачки.

Изложбата ги опфаќа настаните кои се случиле пред востанието, илустриран е Денот на востанието – 11 октомври 1941 година, фотографии и биографии на истакнати личности кои дале значаен придонес во Народноослободителната борба во Куманово како и клучните настани од 1943 година формирањето на „Кумановски партизански одред“ и „Баталјон Јордан Николов Орце“. Преку изложбата е презентиран борбениот пат на „Трета македонска ударна бригада“ од нејзино формирање до учеството на сремскиот фронт, потенцирано е исклучителното значење на антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ) од 2 август 1944 година.

– Хронолошки како клучен настан од Народноослободителната борба, илустрирано е и ослободувањето на Куманово-11 ноември 1944 година. Претставени се и народните херои од Куманово со кратка биографија во посебна целина. Последната тематска целина е посветена на Спомен обележја и споменици на култура од Народноослободителната борба во Куманово, поттикнувајќи  го посетителот и пошироката јавност да размислува за актуелниот однос кон културното и историското наследство од Народноослободителната војна, додава Живачки.

Посетителите ќе имаат можност да ја разгледаат изложбата  до крајот на ноември во постојаната музејска поставка во Национална установа музеј Куманово. 

- Реклама -