Проектот во првата фаза се претстави во форма на изложба во рамки на фестивалот СКОМРАХИ 2024 година, а во крајна фаза ќе биде претставен во форма на просторно-сценографска (монтажна) интервенција во јавен простор.
Ментор на изложбата е Филип Јовановски, а дел од креативниот тим се студенти од Архитектонски факултет УКИМ – Скопје и тоа: Димитар Милев, Екатерина Добривојевска, Марија Аризанковска, Бојана Вуковојац, Катарина Томиќ. Соработници во процесот на работа беа студенти од факултетот за драмски уметности ФДУ – Скопје и Архитектонски факултет: Искра Илиеска, Екатерина Николовска и вработени на факултетот за драмски уметности ФДУ – Скопје.
„За мене во овој процес на работа е важна промоцијата на нови, современи перформативно-просторни практики во едукативен процес на работа. Која е врската на Архитектурата/градот и театарот беше е сеуште е една од основите на лабораторијата за перформативни практики: градот како сцена. Во таа насока, официјалната програмска соработка помеѓу двата факултети, Архитектонски факултет и Факултетот за Драмски уметност(ФДУ) како и размената на знаења и заедничко создавање и продуцирање помеѓу студентите од различни дисциплини, е исклучително важна”, изјави Филип Јовановски, стручен соработник на Архитектонски факултет УКИМ – Скопје и експерт од практика по предметот Сценографија на Факултетот за Драмски уметности – УКИМ –Скопје.
Во рамки на овој процес на работа, студентите имаа можност да учествуваат во осмислување/разработка/дизајнирање и продукција на изложба од работен процес за просторно-сценографска интервенција во јавен простор, пред академска сцена на ФДУ.
Реупотребата на фундусот за оваа проектантска задача го разбравме како многу повеќе од само сува пренамена на елементите што ги наоѓаме наоколу просторот на фундусот, баш напротив, фундусот во првиот момент служеше како база на податоци од кои што можеме да ги сфатиме просторните можности и на локацијата и на елементите од „театарскиот отпад“, за да во наредните чекори истата база на податоци ја надополниме и концептите ги развиеме во правец каде што сите елементи ќе добијат своја реална употребна вредност. Дел од фундусот се користи во целост, дел се пренаменува и доработува, меѓутоа во ниту еден момент тие дадености не ги гледавме како ограничувачки при развивањето на овие силни концепти, туку напротив, како квалитетна подлога.
Оваа пракса на размена на искуства со реални корисници на даден простор, знаења на луѓе од исти и сродни дисциплини, и работење со реални проблематики е од голем бенефит за сите нас бидејќи значително ни го дополнува искуството добиено од формалното образование и комплементарно на истото ни помага да развиеме специфични алатки и знаења што понатаму може значително да ни се од корист“, истакна Димитар Милев, студент на Архитектонски факултет УКИМ Скопје.
Процесот на истражувањето претставува основа за разработката на повеќе архитектонско идејни синтезни решенија кои што се изложени во рамки на програмата на фестивалот СКОМРАХИ 2024.
Во оваа фаза, идејата беше преку еден истражувачки процес на работа, студентите на Архитектонскиот факултет, да ги истражат, искористат и реобмислат сите потенцијали на платото/плоштадот пред Академска сцена на ФДУ.
Како дел од истражувачкиот процес, во процесот на работа се изработи анкета/прашалник за потребите на просторот на платото/плоштадот пред Академска сцена на ФДУ. Прашалникот се однесуваше на сите корисници на овој простор, професори, студенти(завршени или сегашни), вработени, публика на Академска сцена. Резултатите од таа анкета беа инкорпорирани во процесот на осмислување на идејните решенија
Во идната фаза на овој проект, едно од решенијата (или доколку произлезе потреба би се создало ново синтезно решение како спој од изложените) ќе биде реализирано во форма на просторно-сценографска (монтажна) интервенција на платото пред академска сцена на ФДУ.
Она што е важно во овој работен процес е начинот на кој е структуриран едукативниот процес на работа, а тоа е низ серија на предавања, истражување и размена на идеи помеѓу студенти, експерти и професори, да се создаде нешто заедничко, а тоа е корисен простор/плоштад пред академската сцена на ФДУ.