Во Центарот за култура АСНОМ во Гостивар од денес поставена е изложба на фотографии од Бобан Китановски на кои се претставени убавините на македонските планини. Триесетте изложени фотографии се создадени во тек на планинарски тури на друштвото Трансверзалец-Скопје, во рамки на проектот Предизвик 12 врвови.
„Проектот започна пред 8 години, а идејата како планинарско друштво ни беше да посетиме планини кои не се така посетувани и да искачиме некои врвови од тие планини. Турите ги правиме кружни, трансверзалски, постојано сме на непознат терен и тоа е многу интересно. Потоа, се роди идеја да направиме фотографии од тие ретко видени места и да ги изложиме. Сакаме да прикажеме дел од нашето најголемо богатство, нашите планини и да ги поттикнеме и младите преку овие фотографии да почнат да планинарат“, вели Китановски, кој е член на Трансверзалец.
Овековечувањето на искачувањата и турите на друштвото со фотоапаратот за него е задоволство, особено заради можноста да се пренесат планинарските доживувања до пошироката јавност.
„Кога се работи со љубов ништо не е тешко, јас првенствено сум планинар, но си реков за нашите преубави планини мора да се остави траен печат, а тоа е фотографијата. Така спонтано се роди идејата за изложба за пошироката јавност, чекори и уживања на врвовите и планините во Македонија.
Изложбата во Гостивар ќе биде отворена до 4 јуни.
Сподели ја веста: