Во Центарот за култура АСНОМ во Гостивар попладнево беше отворена изложба на фотографии насловена „Исламското културно наследство во Унгарија“. Изложбата е организирана како соработка меѓу Унгарската Амбасада во Македонија и хуманитарната организација „Ел Хилал“, а содржи 28 фотографии од објекти во Унгарија кои датираат од Отоманската империја.
Во своето обраќање на настанот унгарскиот Амбасадор, Андраш Клајн истакна:
„Во Унгарија немаме голема муслиманска заедница, но презентирајќи ги овие фотографии од културно наследство зачувуваме важен дел од нашето минато, од нашата култура, промовираме толеранција и соживот меѓу различни етникуми и религии. Тоа е најважната порака на оваа изложба.“
И претседателот на „Ел Хилал“, Бехиџудин Шехапи кој воедно е и куратор на изложбата пренесе истата порака.
„Ваква Европа сакаме да градиме, сите наши настојувања за влез во Европа ќе бидат единствено во рамките на запазување на европските конвенции, почитување на културното наследството и мултикултурата“, рече Шехапи.
На отворањето пред присутните се обрати и градоначалникот на Гостивар, Ваљбон Лимани.
„Се надевам дека вакви изложби ќе имаме што повеќе во нашиот град, секогаш се добредојдени. Знаеме дека Гостивар е познат како град кој ја сака културата и секогаш ќе бидеме отворени за вакви активности“, кажа Лимани.
Во знак на благодарност за посетата и соработката, директорката на Центарот за култура, Фарие Адили на Амбасадорот Клајн и на Шехапи им подари сувенир со симболот на градот, Саат Кулата.