Изложба и претстава за деца вечерва се на програмата на манифестацијата Скопско лето. Вп Музејот на град Скопје во 20.30 часот ќе биде отворена изложбата „Модерна традиција“ од Филип Фидановски. Гости на изложбата се Маријана Костојчиноска-Узунчева и кураторот на изложбата Јасминка Намичева.
Изложбата „Модерна традиција“ претставува спој на традиционалната грнчарија, која е автентична за македонската традиција, и нејзиното трансформирање во модерен визуелен стил со авторски пристап на уметникот. Со оваа изложба, се насочува внимание кон зачувувањето на традиционалниот грнчарски занает, кој е во ризик од исчезнување, и ја илустрира умешноста на авторот преку неговото сликарство во керамиката, кое се смета за една посебна и уникатна дисциплина во керамичката уметност. Фидановски ќе претстави повеќе традиционални садови кои сè уште се произведуваат, со задржан нивен облик и функција.
Претходно во 19 часот во Куршумли ан, продукцијата на Театар ХИТ од Скопје ќе ја изведе „Младиот чорбаџија“, во авторство и режија на Сашо Ристовски. Играат: Сашо Ристовски, Магдалена Ризова-Черних, Ема Давчева и Бранко Атанасов.
Претставата е работена според мотивите на делата на Марко Цепенков. Целта е на децата им се прикаже народното творештво преку театар.
– Недостатокот од вакви театарски дела на театарската сцена ни даде ветер во грб за создавање на ваква театарска претстава. Преку оваа претстава не само што ќе ја доближи нашата традиција до децата, туку ќе укаже на многу клучни нешта кои се важни за нив, а тоа е однесувањето кон семејството, семејните вредности, кон околината која нè опкружува, почитта, хуманоста, градењето на карактерот – велат организаторите.