Изгореа бараките на ЈП „Улици и патишта“, заедно со документацијата и автомобилот на обвинителот Бубевски (ВИДЕО)

Принтскрин/Сител

Голем пожар ги зафати бараките на државното претпријатие „Улици и патишта“ на улица „Стефан Јакимов Дедов“, зад трговскиот центар Буњаковец, доцна синоќа во 1 часот и 50 минути.

Во пожарот, кој според директорот Борис Настов зафатил вкупно околу 380 квадратни метри работни простории, уништена е документацијата на претпријатието, архивата и финансиските извештаи, пренесе „Сител“.

Пожарот започнал/избил во возило во сопственост на еден од жителите од соседната зграда, кое било паркирано до бараките. Во стихијата настрадал и приватниот автомобил на обвинителот Гаврил Бубевски.

Фото: Алсат

Како што изјави командантот на скопската пожарна – Владимир Симоновски, огнот го гаснеле 6 противпожарни возила и 19 пожарникари, а притоа ги користеле хидрантите на Водовод, зашто хидрантите во бараката не работеле. Дополнително, пожарникарите имале проблем да влезат во самата барака поради тековната кровна реконструкција, поради што биле приморани да ја сечат и отворат.

Порталот „Курир“, во меѓувреме, објави видео од пожарот:

Обвинителот Бубевски, во изјава за медиумите, рече дека не мисли дека се работи за некаков напад врз него, туку дека неговиот автомобил едноставно е колатерална штета во пожарот, бидејќи бил паркиран веднаш до автомобилот што се запалил.

Опозицијата, меѓутоа, се сомнева дека пожарот не е случајност. Тие потсетуваат дека ова е четврт пожар во државна институција.

„Утринава се случи четврт пожар во државна институција. Пожарот во ЈП Улици и Патишта доаѓа по низата пожари во државни инстутуции, како СЕП, Инспекторатот за Животна средина, министерството за правда.

Во сите четири институции запалени, меѓу другото, се и документи од институциите“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, и побараа од СДСМ (која ја нарека „пироманска“) да одговори дали ваквите пожари не се дел од смислено сценарио за уништување на документација за можен криминал во работењето на овие институции.

„Не можеме а да не се посомневаме во намера, затоа што пожарот во ЈП ‘Улици и патишта’ Скопје се случува само неколку недели откако Советот на Град Скопје не ги усвои извешаите за финансиското работење на Јавните претпријатија на Градот Скопје, меѓу кои и на ЈП ‘Улици и патишта’, и откако советниците на Левица поднесоа барање за ревизија во неколку од јавните претпријатија под ингеренции на градот“, реагираа од Левица.

Апелирајќи надлежните институции стручно, совесно и брзо да ја спроведат истрагата и да преземат соодветни мерки за расчистување на случајот и за утврдување на вината за настанатиот пожар, од партијата побараа МВР и Јавното обвинителство да дадат одговори дали навистина пожарот бил несреќен случај, или се работи за криење/уништување на докази за криминални дејства или можеби, како што велат од Левица, за расчистување на теренот за никнување на нова зграда на оваа атрактивна локација.

Според СДСМ, пак, виновни за пожарот се ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката на Скопје – Данела Арсовска. „По само 50 дена владеење на ВМРО-ДПМНЕ пироманска, Скопје е во целосен хаос“, одговорија од владејачката партија.

„ВМРО-ДПМНЕ пироманска да ја праша градоначалничката на Скопје и нејзиниот директор на ЈП Улици и патишта зошто се запали објектот на оваа институција.

Исто така Арсовска треба да одговори зошто го поништи јавниот оглас за вработување на 20 нови пожарникари во скопската противпожарна бригада.

Хировите и каприците на Арсовска ја загрозуваат безбедноста на градот Скопје и граѓаните. Неспособноста на Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ се потврдува на дело

По само 50 дена градска власт на ВМРО-ДПМНЕ, Скопје е во хаос, се раскинуваат договори за готови проекти, горат објекти на јавни институции“, обвинија од СДСМ.

- Реклама -