Избори во Грузија: Владејачката партија води според првичните резултати

Владејачката партија „Грузиски сон“ освои 53 отсто од гласовите на парламентарните избори во Грузија, врз основа на преброените гласови од 70 отсто од избирачките места, соопшти Централна изборна комисија. Резултатите не ги вклучуваат повеќето гласачки ливчиња од Грузијците кои живеат во странство, а излезеноста на изборите била 58,94 отсто, пренесува Ројтерс.

Милијардерот и основач на партијата Бидзина Иванишвили прогласи победа и го пофали грузискиот народ.

„Редок случај во светот е иста партија да постигне таков успех во таква тешка ситуација – ова е добар показател за талентот на грузискиот народ“,

порача Иванишвили.

Бидзина Иванишвили
EPA-EFE/DAVID MDZINARISHVILI

Грузиската опозиција првично исто така славеше победа, а дел од набљудувачите пријавија значајни изборни прекршувања. Но, паралелното пребројување на една од опозициските партии, според Ројтерс, потврдило дека „Грузиски сон“ е во силна позиција да освои мнозинство од гласовите.

Изборите во Грузија се оценуваат како едни од позначајните за земјата и пресуден момент што ќе одлучи дали Грузија ќе се приближи кон Западот или ќе се приклони назад кон Русија среде војната со Украина.

- Реклама -