Избори во Франција: Екстремната десница очекува историски резултат

Oвие избори сe едни од најважните во последните две децении во земјата, бидејќи според анализите, би можело за првпат по Втората светска војна да ја доведат крајната десница на власт

Во Франција денеска се одржува првиот круг од вонредните парламентарни избори. Повеќе од 49 милиони граѓани имаат право на глас и ќе избираат 577 пратеници за долниот дом на францускиот парламент, a вториот круг е закажан за 7 јули.

Светските медиуми ги означија овие избори како едни од најважните во последните две децении во земјата, бидејќи според анализите, би можело за првпат по Втората светска војна да ја доведат крајната десница на власт, по убедливата победа на партијата Национален собир (НС) над центристичкиот сојуз на претседателот Емануел Макрон на изборите за Европскиот парламент.

Фото: EPA-EFE/Mohammed Badra

Според предизборните анкети, предничи Националниот собир на Ле Пен.

Претседателот Емануел Макрон ги распиша вонредните избори на 9 јуни, објавувајќи го распуштањето на Собранието, истата вечер кога крајната десница забележа убедлива победа на европските избори, одржани истиот ден во Франција.

Французите го избираат Францускиот парламент на многу специфичен начин. Парламентот се состои од два дома – Сенат и Национално собрание. Сенатот се избира посредно (пратениците се избираат од страна на највисоките претставнички тела) и ги претставува територијалните единици и граѓаните на Франција кои живеат во прекуморските територии. Франција има 18 региони, од кои 13 се наоѓаат во европска Франција, а 5 се прекуморски поседи.

Пратениците во Националното собрание се избираат директно на избори. Макрон го распушти само Националното собрание, па Французите во првиот круг (30 јуни) и вториот круг (7 јули) ќе избираат 577 пратеници по принципот еден пратеник од една изборна единица.

- Реклама -