„Бараа јас да излезам, да апелирам до луѓето да гласаат дека овие се многу добри. Такво нешто никогаш да не бараат од мене. Никој нема мандат да бара такво нешто. Ви гарантирам со живот“, изјави поглаварот на Исламската верска заедница пред околу 10 дена за медиумите.
Денеска, меѓутоа, ИВЗ преку апел до гласачите муслимани ги повика сите масовно да излезат и да го остварат своето граѓанско право на глас… „за членство во ЕУ и НАТО“ – патот кој, како што велат од ИВЗ, ќе придонесе за повеќе права, за правна и демократска држава, за верски и национални права за сите народи што живеат во Северна Македонија, и кој тие како верници и како ИВЗ „го трасирале и го подржувале снажно и постојано“.
„Сите гласачи, без исклучок, веќе имаат изграден став и знаат за кој кандидат теба да гласаат“, продолжува повикот. „Гласајќи за европските и американските вредности, сите избирачи се поставуваат на страната на силите кои и посакуваат добро на оваа држава, што ја сакаат слободата и независноста, што сакаат живот во мир со самите себе и со Бог. ИВЗ во континуитет повикувала и повикува нејзините верници, освен искрената врска со Бог, да бидат во силна врска и со средината во која што живеат, со општеството, но не за да станат нечија алатка, туку за да инсистираат и да очекуваат од раководните структури на државата да го исполнат и да го реализираат тоа што е најдобро за верникот и за муслиманскиот уммет“.
Врската со напредната Европа и САД, длабоко се убедени од ИВЗ, ќе обезбедат „по убава сегашност и по убава иднина за сите верници, без оглед на која вера припаѓаат. Исламските верници на Северна Македонија – албанци, турци, торбеши, бошњаци, роми, ашкалии, египтјани и сите останати, очекуваат многу од својот иден Претседател, очекуваат многу од неговата работа и неговите одлуки“.
Од овие причини, порачуваат од ИВЗ, гласачите муслимани треба сосема слободно, како што им доликува, во недела на 5 мај да излезат на гласање и да го остварат своето право, но и да ја исполнат својата граѓанска и уставна должност.