Актуелната власт се пазари со оние кои го оспоруваат нашето историско право на постоење, а со договорот со Бугарија сака да реши едно прашање кое ќе ја задоволи само бугарската страна. Македонскиот јазик, наместо заштитен, е изложен на напади од оспорувачите кои се обидуваат да го избришат или преименуваат, со што вршат опресија врз македонскиот идентитет. Ова го истакна поранешниот претседател на државата – Ѓорге Иванов, во обраќањето на свечениот научен собир на тема „СОВРЕМЕНАТА МАКЕДОНСКА ДРЖАВА – ДВЕ ЕТАПИ ВО ПРОЦЕСОТ НА НЕЈЗИНОТО ФОРМИРАЊЕ И РАЗВОЈ:
1941 – 1991 / 1991 – 2021 ГОДИНА“ во организација на МАНУ, а по повод 30-годишнината од независноста.
Според Иванов, невиден преседан е заради политички контекст политичарите да даваат историско толкување на фактите и никој нема право да ја преиначува вистината. Тоа е, рече, не само неприкладно, туку и срамно и жално и за Македонија и за Македонците.
Иванов истакна дека постојано предупредувал дека ќе се случи она што се случува денес, а тоа, според него, е обезличување на македонскиот народ, кое, како што рече, започнало со Охридскиот рамковен договор.
Сепак, смета екс-шефот на државата, македонскиот народ го одбранил своето право на постоење, и тоа со бојкотот на референдумот за промена на државното име и измени во Уставот.
„Во целиот тој период на премрежја, предизвици и искушенија, една работа остана непроменета. А тоа беше волјата на народот. Македонскиот народ се изјасни против избрзани, наметнати и штетни решенија донесени без претходно постигнат национален консензус. На 30 септември 2018-та, со негласање, тивкото мнозинство донесе гласна одлука. Одлука дека никој нема мандат од народот да го менува Уставот заради промена на уставното име, ниту право да тргува со идентитетот. Народот препозна дека е уценет и ја отфрли уцената. Кажав и пак ќе кажам. Со бојкот на референдумот, народот го одбрани своето право на постоење и го зачува стекнатото право на самоопределување. И уверен сум дека еден ден ќе дојде генерација политичари која ќе го задржи она што сега некој е подготвен толку лесно да го изгуби“, порача Иванов.
Тој изрази надеж дека учесниците на научниот собир организиран од МАНУ, секој од свој аспект и во својот домен, ќе дадат придонес за, како што рече, објективно научно согледување и промислување на фактичката вистина за Македонија, наспроти креираната дневнополитичка медиумска „вистина“.