Италијанското гратче со 58.568 надминувања на дозволената брзина за две недели

Кога во малото италијанско гратче Акветико поставиле експериментална камера за брзина, никој не очекувал дека ќе посведочи таков рекорд: 58.568 надминувања на дозволената брзина за само две недели.

Градоначалникот Алесандро Алесандри ја поставил камерата во близина на главниот пешачки премин во гратчето, откако многу од вкупно 120-те жители се пожалиле дека се вози пребрзо и опасно. Но ни тој не можел да поверува во резултатите, кои покажуваат дека во зоната со дозволени 50 км/ч, брзината се надминува во просек на секои неколку минути, со регистрирана најголема недозволена брзина од 135 км/ч. Како што вели еден италијански весник, тоа значи дека се работи за половина од возилата кои патуваат по рутата. Згора на тоа, кај куп од нив е регистрирана брзина од над 100 км/ч, а 20-те најлоши прекршители прелетале низ гратчето среде бел ден, кога е најопасно за жителите.

„Навистина е лудило, со оглед на тоа дека имаме жители кои редовно се движат низ селото и го преминуваат патот“, вели градоначалникот за италијанската новинска агенција ANSA.

Toj признава дека малото гратче, кое се наоѓа во близина на границата со Франција, има многу сообраќајни проблеми. Со трите главни патишта кои го поврзуваат регионот Пиемонт со северот на Италија, патот низ Акветико е најдоброто решение за оние возачи кои сакаат да ги заобиколат застоите и радарите.

А тука се и мотоциклистите, кои поради „добриот асфалт, широките улици и кривините“, често организираат меѓуградски трки.

После ваквите бројки, Алесандри вели дека нема избор освен привремената камера да ја остави да биде трајна. „Не сакаме да земаме пари од казни, но мора да водиме сметка за безбедноста на луѓето“, вели за ANSA.

BBC

- Реклама -