Италијанско гратче продава куќи за 1 евро

Италијанското село/гратче Ололаи – лоцирано во планинскиот регион на Барбагиа, Сардинија, продава 200 од неговите историски стари камени куќи за само 1 евро. Се разбира, има услов: старите куќи имаат потреба од темелно реновирање (се проценува дека ќе ве чини околу 20.200 евра), а ќе бидат продадени само на луѓе што ќе се обврзат тоа да го направат во следните три години.

Идејата, која е дел од проектот „Case a 1 euro“, не е нова, но Ололаи е меѓу малкуте низ Европа што решија да ја тераат до крај. Целта на проектот е да се оживеат малите италијански гратчиња кои се соочуваат со ризик да бидат напуштени.

Не е исклучок ни Ололаи. Како резултат на преселбата на младите кон градовите, популацијата на гратчето е намалена за речиси половина во последните 50 години, до денешни 1.300 жители. Со оглед на тоа што го сведочиме во Македонија, бројкиве на Ололаи не се воопшто обесхрабрувачки.

Како и да е, проблем постои, а Ололаи го решава. За таа цел, градоначалникот Ефисио Арбау побарал од поранешните сопственици на срушените куќи да ги донираат, за да можат да бидат продадени на пазарот на недвижности. „Ние влечеме предисториско потекло. Мојата мисија е да ги спасам нашите уникатни традиции од тоа да пропаднат во вечен заборав“, вели тој.

Досега се продадени три од куќите, но има многу апликации. Ако добро разбравме, можат и странци (значи и вие), со преземање на документите за апликација (кои се на италијански јазик) од вебсајтот на „Case a 1 euro“. Веќе се стигнати над 100 понуди од странство, вклучително и Русија и Австралија, а во мај почнува и реално шоу со неколку холандски семејства што се доселени во Ололаи, повторно со цел да се популаризира гратчето.

Ололаи, инаку, е поранешен главен град на регионот Барбагиа, а до ден денес останува најнедопрениот и најавтентичен дел од Сардинија.

Вито Касула, пензиониран градежник кој беше еден од првите што лапнаа куќичка за помалку од цената на едно капучино, вели дека тивкото гратче е замрзнато во времето и нуди мирен, здрав живот. Го препорачува на сите што им е смачено од стрес и сакаат да одморат. „Чистиот воздух, 0 смог и прекрасните пејзажи имаат лековита моќ“, вели. Грбот и коските веќе не го болат.

Освен старите традиции (регионот е познат по елитното сирење Casu Fiore Sardo), ќе ве пречека и одлична храна, одлично вино, прекрасна стара архитектура, и пред сé, многу пријателски настроени локалци кои ќе направат да се чувствувате како дома (на Касула не му даваат ништо да плати и постојано го викаат него и сопругата по комшиски ручеци и вечери).

Во близина е и 1200 метри високиот врв Nodu de S’Aschisorgu од кој имате 360° поглед врз целиот остров, а со помалку од 1 час возење стигнувате и до морето.

Локалниот дијалект е малку тежок (не го разбираат ни Сардинијците), ама без гајле, покрај многуте активности за новодојдените (курсеви за правење сирење, паста и кошници), Ололаи ќе ви понуди и часови по локален дијалект.

А ова се дел од старите куќи:

CNN

 

- Реклама -