Фармерите во еден регион на Италија, некогаш познат по сирење, се преориентираа кон одгледување на вид канабис. Не за да го пушат или да го продаваат, туку за да ја деконтаминираат загадената почва.
Канабисот што го одледуваат содржи многу малку THC (состојката што те прави „хај“).
CBS News посети еден од фармерите – Винченцо Форнаро. Во прилогот, тој покажува кон празна фарма, каде некогаш чувал над 600 овци. „Со генерации, нашата фамилија произведуваше рикота (вид сирење) и месо“, раскажува тој. Но во 2008 година италијанската влада открива присуство на токсичната хемикалија диоксин кај неговите овци, и го коле целото стадо.
Коренот на проблемот, меѓутоа, е на нешто повеќе од километар од фармата на Форнаро. Се работи за контаминантите што ги исфрла блиската челична топилница – најголемата во Европа. Тоа значи дека Форнаро веќе никогаш не би можел да напасува животни, барем не во регионот.
Но тој е решен да ја исчисти својата почва, дури и ако тоа подразбира необичен експеримент.
Така, Форнаро има посадено индустриски канабис, со кој очекува дека ќе ги „исшмука“ контаминантите од почвата.
Процесот/науката се нарекува фиторемедитација (phytoremediation) – процес во кој контаминантите се апсорбирани од брзорастечките корени на канабисот, кои ги складираат, или во некои случаи и ги трансформираат токсините во безопасни супстанци.
Форнаро е уверен дека мариуаната е иднината на неговата фарма. Фиторемедитацијата докажано ги извлекува тешките метали од почвата. Користена е по нуклеарната катастрофа во Чернобил, за да се отстрани радиоактивниот стронциум и цезиум.
Канабисот е иднината
Клаудио Натиле продава разни продукти направени од индустриски канабис. Дел од нив се масло од канабис, пиво, или паста.
Како што пренесува CBS News, тој ги одвел и до еден станбен апартмански комплекс, направен од композитни материјали од марихуана. За да не се случи минувачите да останат слепи кон тој факт, во дворот на комплексот има поле со канабис.
„Сакаме да ги елиминираме предрасудите кон канабисот“, вели Натиле.
„Мораме да иновираме“, вели Форнаро, „и да се развиваме на начин што е еколошки издржлив“.
Челичната индустрија во Италија, за жал или за среќа, помага и во едното, и во другото.