Матео Салвини – италијанскиот министер за внатрешни работи кој по својата активност на Твитер доста потсетува на Трамп, е искритикуван дека компромитирал полициска акција со тоа што прерано се пофалил на друштвените мрежи.
Салвини, прво преку WhatsApp, преку својот персонал, а потоа и на својот Твитер профил, ја објавил веста за апсењето на „15 нигериски мафијаши“ во Торино.
Non solo, anche a Torino altri 15 mafiosi nigeriani sono stati fermati dalla Polizia, che poi ha ammanettato 8 spacciatori (titolari di permesso di soggiorno per motivi umanitari e clandestini) a Bolzano.
— Matteo Salvini (@matteosalvinimi) December 4, 2018
Неколку часа подоцна, главниот торински обвинител – Армандо Спатаро, објави дека таа порака „би можела да го компромитира успешниот исход на акцијата која сé уште е во тек“.
„Се надеваме дека министерот за внатрешни работи ќе избегнува слични пораки во иднина“, рекол Спатаро, пренесува италијанската ANSA.
Салвини, меѓутоа, во контра-критиката до Спатаро беше далеку поостар:
„Некој во иднина треба да размисли пред да ја отвори устата. Ако главниот обвинител на Торино е изморен, би требало да оди во пензија; му посакувам на Спатаро среќна иднина како пензионер. Ако шефот на полицијата ми пишува во 7:22 информирајќи ме за операциите против мафијата и организираниот криминал, како што тоа редовно го прави, се чувствувам слободен и почестен да се заблагодарам и да им честитам на полициските сили за спроведување на законот – веќе идната минута“.