Истражување на Харвард: Летото ќе го забави коронавирусот, а потоа следува нов бран

Заклучоците од истражувањето на американскиот универзитет Харвард, базирани врз анализа на 3.739 локации, одат во прилог на претпоставките дека летните температури, влажноста и изобилството од сончева светлина, ќе го намалат ширењето на коронавирусот. Но, експертите по заразни болести предупредуваат: Било каков бенефит од летните услови веројатно ќе биде залуден ако луѓето погрешно веруваат дека вирусот не може да се шири на топло време и поради тоа престанат да внимаваат и кренат раце од препораките, како што е онаа главната – за физичко дистанцирање.

„Најдобро е влијанието на временските услови да се сфати како секундарен фактор“, вели Мoxaмад Џалали – професор на Медицинската школа при универзитетот Харвард.

Резултатите од истражувањето, сепак, сугерираат дека коронавирусот SARS-CoV-2 ќе стане сезонски. Тоа, од една страна, ги подгрева надежите дека олабавувањето на мерките во овој и следниот период нема да доведе до нов голем бран на пандемијата. Од друга страна, тоа значи дека без рестриктивните мерки низ светот, цpнитe биланси ќе беа далеку поголеми, но и дека нов таков бран нѐ очекува наесен.

Во големото истражување предводено од Харвард, но и MIT и други американски институции, научниците истражуваа како временските услови, поточно порастот на температурите и влажноста влијаат на ширењето на коронавирусот, пренесува „Вашингтон пост“.

Како што покажуваат резултатите, просечните температури над 25 степени Целзиусови значително го намалуваат ризикот од зараза. Секој дополнителен пораст на температурата од 0.6 степени над таа граница се поврзува со намалување од 3.1% на репродуктивниот број на вирусот, таканаречениот R0, кој означува колку лица, во просек, може да зарази еден заболен. Како што е веќе познато, кога R0 е под 1 (односно секој заболен заразува помалку од 1 лице), епидемијата почнува да се намалува.

За жал, предупредуваат научниците, ова истражување исто така потврдува дека летото нема целосно да ја запре пандемијата. Таквиот заклучок е на иста линија и со претходните слични истражувања. Најверојатниот исход, велат научниците, е дека коронавирусот SARS-CoV-2 ќе се однесува како САРС и МЕРС, односно дека ќе слабее во периодите со потопло време, но и обратно – дека ќе расте бројот на заpaзени наесен, со намалување на температурите.

Од друга страна, имаме примери во светот каде и во земји со високи температури има голем број на заpaзени. На тоа предупредува и Дејвид Хејман – професор од лондонската школа за хигиена и тропска медицина, кој посочува дека ваквите истражувања треба да се земат во предвид со голема претпазливост:

„Тоа се истражувања во лабораторија, не се реални ситуации. Од ден во ден сведочиме за пренесување на вирусот и Ковид-19 во најголем дел од светот, дури и во тропските подрачја“, вели тој.

Што се однесува до истражувањата на влијанието на влажноста на воздухот врз ширењето на вирусот, студиите покажуваат дека вирусите како SARS-CoV-2 и вирусите на грипот побрзо се шират преку сув воздух, додека повисоката влажност доведува до тоа капките на вирусот побрзо да паѓаат на тлото и пократко да се задржуваат во воздухот.

- Реклама -